fbpx

Националните ТВ против ценовникот на ДИК: Грдо е, на медиумите ќе им пукне филмот

-

Не треба Државната изборна комисија да се занимава со ценовниците на телевизиите е генералниот став на директори на три национални телевизии, откако ДИК во неделата го објави ценовникот по кој ќе се наплаќаат предизборните пораки во медиумите. Ценовникот е формиран според последните измени на Изборниот законик, што Собранието ги усвои в саботата, на 136 седница. Според измените, највисоката цена што медиумите можат да ја наплатат за платено политичко рекламирање не може да биде повисока од просечната цена постигната во минатите пет изборни циклуси.

Прв реагираше Иван Мирчевски, директор на Канал 5 телевизија, кој во средата на одлуката на ДИК ја оцени како „скандалозна“ и ја обвини Комисијата за различно толкување на Изборниот законик на штета на медиумите.

„Доколку ова не се реши се размислуваме дали воопшто и како да ги следиме овие избори, што ќе го доведе во прашање и регуларноста и легитимитетот на изборниот процес“, изјави Мирчевски.

Мирчевски смета дека ДИК им наложува ниски цени на медиумите, и дека Комисијата погрешно го толкува изменетиот член 75-ѓ од Изорниот законик.

Со ставот на Мирчевски се согласува и Алмир Ќосе, главниот и одговорен уредник на телевизијата „Алсат М“.

– Сепак, ќе беше подобро ако ДИК ја земеше предвид гледаноста на секоја телевизија, па според тоа да ги одреди цените – ни изјави Ќосе.

Директорот на телевизијата „Телма“, Атанас Кировски, пак, смета дека, начелно, ДИК не би требало да ги одредува цените на телевизиите за нивните комерцијални клиенти, а закони не треба да се носат во „5 до 12“, затоа што на нив не може да се реагира.

– Не би требало ДИК да се занимава со цени за комерцијални клиенти. Во принцип, сметам дека во либерална економија телевизиите треба сами да си ги одредат цените, а на партиите, ако тоа им се допаѓа, нека се рекламираат, ако не, никому ништо. Со оваа одлука ДИК прави урамниловка, која беше одлика на едно друго време. Сега треба секој сам да си ја одреди цената – смета Кировски.

Тој нагласува дека дополнителен проблем е и што законските измени се донесени непосредно пред распуштањето на Собранието, со што е невозможно да се побара автентично толкување од Законодавно-правната комисија.

– Грдо е донесен законот, 24 часа пред распуштање на парламентот. Многу грда практика е да се носат закони во „5 до 12“, и сега треба непотребно да се расправаме со ДИК – смета Кировски.

Уште еден проблем, според директорот на „Телма“, е што ДИК ја „изнивелирал“ цената за сите термини на политичко рекламирање.

– Се знае дека цената во три по полноќ, кога гледаат 1.000 луѓе, и во 19 часот, кога гледаат 100.000, не е иста. Намалувањето на цената под комерцијално ниво ќе ги натера телевизиите да не учествуваат во изботите, што би било грдо. Ние како општествено одговорна компанија тоа нема да го направиме, но не треба законодаецот да претера, оти на медиумите ќе им пукне филмот  – објаснува Кировски.

Новиот начин на одредување на цените е опишан во Изборниот законик:

Радиодифузерите и печатените медиуми се должни ценовниците за платено политичко рекламирање да ги применуваат и за време на изборната кампања и притоа цената по секунда за платено политичко рекламирање и цената за закуп на рекламен простор во печатениот медиум да не ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните пет изминати изборни циклуси, а за електронските медиуми ( интернет порталите ) цената за закуп на рекламен простор на интернет порталот за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена за рекламирање пресметана, за последните пет изминати изборни циклуси …, став 9 на изменетиот член 75-ѓ од Законикот.

Ценовниците не смеат да се менуваат, а цените не смеат да ја надминуваат просечната цена на рекламирање, пресметана во последните пет изборни циклуси, потсетува и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во соопштението објавено во понеделникот.

Инаку, „платеното политичко рекламирање“, за кое станува збор, според членот 2 на Изборниот законик е „директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој за паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставови и кандидати“.

Ова рекламирање го плаќаат граѓаните.

Државната изборна комисија ги исплаќа трошоците за објавеното платено политичко рекламирање врз основа на доставена фактура од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) во рок од 30 дена од настапување на предизборниот молк за прв изборен круг и 30 дена од настапување на предизборниот молк за втор изборен круг доколку се одржува…, став 3 на членот 76-д од Законикот.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...