Националната платформа ќе биде достапна на пет јазици со интерактивни видеа, квизови и тестови

Симулација на час преку платформата за далечинско учење / Фото: Фејсбук на Мила Царовска

Националната платформа ќе биде предизвик за сите, но уверена сум дека секој ќе го совлада работењето на неа и сите ќе ја засакаме истата. Таа е практична, лесна за користење и прилагодена за потребите на сите кои ќе ја користат. Вака на прес-конференција министерката за образование и наука, Мила Царовска ја најави новата национална платформа за учење од далечина.

„Наставата нема да биде здодевна. Таа ќе има брзи квизови, брзи тестови и други иновативни содржини кои што ќе бидат поставени на платформата. Она што е важно, учениците ќе може да предлагаат надоградување и менување на платфомата со што директно ќе се вклучуваат во изработка на решенија кои што се прилагодливи за нив“, појасни министерката.

Царовска уверува дека националната платформа ќе биде многу повеќе од добра замена за традиционалното учење. Ученикот преку компјутер, телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот, и наставникот ќе може да го гледа ученикот. Дополнително, ученикот ќе може да ги гледа сите поставени аудио и видео материјали во платформата и да ги изработува домашните задачи.

„Платформата е развиена да биде функционална, стабилна и едноставна за употреба и од учениците и од професорите, но и сите чинители во образовниот процес. Истата е преведена на сите наставни јазици“, истакна министерката.

Таа истакна дека 40.000 деца немаат компјутери за следење онлајн настава, поради што како што рече тоа е затекната состојба која не може да се надмине за период од еден месец. За сите тие деца, ќе има часови кои ќе бидат поставени на националната телевизија, на каналите коишто се веќе обезбедени и преку нив тие ќе може да бидат изложени на информациите кои што треба да ги добијат во училиште, појасни Царовска.

Таа информираше дека во тек се обуките на наставниот кадар кои што беа креирани на три нивоа, каде прво се обучија 30 национални обучувачи од редот на наставниот кадар од различни основни и средни училишта од голем дел од општините во државата. На второто ниво опфатени се 1.600 наставници кои се номинирани за училишни обучувачи кои подоцна ќе ги обучуваат преостанатите наставници.

Националната платформа за учење од далечина која е резултат на соработка на МОН, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) и со поддршка на МАСИТ, прво ќе биде тестирана во пилот училишта, а подоцна во училишта на ниво на цела држава.

На прес-конференцијата се обрати и премиерот Зоран Заев, кој платформата за учење ја опиша како инклузивна и лесна за користење. При излагањето, тој ги повика сите и наставниците и родителите да го подржат процесот, а на учениците им порача да ги зграпчат сите можности, зошто доброто образование гради слободни граѓани.

„Пандемијата ја наметна потребата да согледаме зошто ни е потребен образовен систем во добра кондиција и дека посветено треба да работиме на негова дигитализација, реформа и подобрување. Горди сме што за прв пат создадовме единствена национална платформа за оналјн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова нè охрабрува и дава поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава“, рече Заев.

Тој истакна дека платформата е прилагодена за настава на албански, турски, српски и бошњачки јазик, со што како што рече, се потврдуваат цврстите заложби на актуелната Влада за негување на соживотот, мултикултурализмот и еднаквоста во нашето општество.

Исто така, на самата прес-конференција беше презентирано видео пример како функционира платформата. Професорка по информатика заедно со своите ученици преку видео комуникација го реализираат часот и заедно ги решаваат квизовите и тестовите кои се предвидени активности за тој час.