Нацо Јовчевски – млад пчелар кој живее од пчеларството и работи на зачувување на македoнската автохтона пчела

Фото: Мета.мк

Нацо Јовчевски половина од својот живот се занимава со пчеларство, почнал на 16-годишна возраст кога имал едно пчелно семејство, а сега тој број достигнал до 400.

Во разговор за „Мета“ расажа дека пчелите ги чува на четири различни локации под Пелистер, а во пчеларникот „БН“ во Дихово, врши презентации за туристите и ги продава неговите производи.

Сè започнало кога во 2005 година морал пчелите од Мариово да ги донесе во Дихово.  Тие пчели дедо му ги чувал во карпа, исто како во филмот „Медена земја“.

„Се прави дупка во карпа, се затвора со плоча која е премачкана со измет од говеда, но се остава отвор. Пчелите влегуваа внатре и природно се размножуваат. Во 2005 немаше кој да ги земе пчелите, па јас бев тој кој ги симнав од таму и ги донесов тука. Од тогаш ми се професија од чие што одгледување живеам,“ вели Јовчевски кој произведува два вида на мед, ливадски од Дихово и шумски од подножјето на Пелистер.

Покрај медот, други пчелни производи се и млеч, полен, прополис, восок, пчелин отров и како индиректен производ е воздухот од пчелните семејства кој го има во АПИ комората.

Идејата за АПИ комората, која е дел од неговиот пчеларник во Дихово, ја добил од Словенија каде што имало развиено добар АПИ туризам. Со помош на вентилатори, се влече воздухот од пчелните кошници и тој воздух е многу почист од надворешниот, бидејќи произлегува од ферментацијата на пчелните производи.

Јовчевски пчелите ги одгледува на комерцијален начин во сандаци и традиционален во трнка (плетена кошница од гранки од леска испреплетени со дива винова лоза, а изолацијата е со измет од говеда и исецкана трева н.з). Тој вели дека  нема разлика во квалитетот на медот од традиционално и комерцијално чување на пчелите.

 

Загадувањето и климатските промени, погубни за пчелите

Климатските промени, вели Јовчевски, влијаат лошо врз пчелите, а тој тоа го чувствува бидејќи постои временско поместување на пашата на пчелите.

„Во јануари-февруари имавме натпросечна температура која се зголеми до 18 степени. Нашата пчела е адаптирана на други услови. Вообичаено тогаш е студено, нема нектар и матицата престанува со несење на јајца. Но, во јануари на 18 степени пчелите почнаа да внесуваат полен кој им е протеинска храна, побрзаа мислејќи дека е сезона и почнаа со развој. После тоа во март имавме минус 22 степени, за што им треба многу повеќе енергија за тоа легло да го одгледаат. На минусни температури, за да се одгледа една пчела треба две да умрат, бидејќи ја хранат ларвата и во континуитет ја топлат 21 ден. Временските услови се измешаа, и пчелите наместо во март да почнат со развојот, тие во тој период поради студеното, стагнираа. Имаше загуби на пчелни семејства,“ објаснува Јовчевски.

Исто така вели нашиот соговорник, се случува кога има интензивно цветање на цвеќињата на ливадите и на багремот, да има интензивни врнежи по неколку дена, што е неповолно за собирање на полен. На есен пак, долгиот сушен период исто така е неповолен за пчелите.

Но, она што е најштетно за нив е загадувањето, односно прекумерната употреба на пестициди во земјоделството.

„Семето е толку запрашено што дури отровот го има на росата на пченката, и се случува, пчелата кога ќе оди да се напие вода, да се отруе. Во Македонија има мала црна листа на забранети пестициди, но сепак се користат. Прва земја во Европа, а можеби и во светот е Франција која ги забрани сите пестициди, кои ги убиваат пчелите, да се користат во земјоделието,“ вели Јовчевски.

 

Зачувување  на македонската автохтона пчела и неколку интересни факти

Јовчевски е дел од тимот на пчелари кои работат на зачувување на автохтоно одгледување на пчели во Македонија. Целта е, вели тој, да се одгледува наша автохтона пчела која веќе е адаптирана на наши услови, и подобро опстојува.

„Но, таа наша пчела никогаш не е селектирана и од 2012 г. започнавме активност со која почнавме да ја селектираме. Селекцијата се состои во тоа да се произведуваат најдобрите ќерки од најдобрите мајки. 50 отсто можеме да ја селектираме во природни услови, бидејќи ја селектираме само по мајка. По татко не можеме да селектираме бидејќи во радиус од 2 километри треба да немаме мешање на пчелни семејства,“ објаснува Јовчевски.

Интересно за пчелите, како што вели тој, е дека тие го чувствуваат стресот на луѓето, нервозата, негативната енергија и тогаш касаат. Она што исто така е интересно е што, според Јовчевски, пчелите имаат најсовршен систем на ориентација во природата, без разлика каде се носат нивните сандаци, односно каде се дислоцираат.

Целата организација во пчелното семејство ја одржува матицата, а највредните пчели живеат 40 дена бидејќи многу работат и се трошат. Матицата живее до четири години, а долгиот век се должи на храната која ја конзумира. Се храни со млеч, и во активна сезона снесува од 2 до 3 илјади јајца, 2 до 3 пати повеќе од сопствената телесна тежина.

Со прополисот кој го произведуваат пчелите го мачкаат внатрешниот дел на сандакот и тој производ е природен антибиотик и антисептик, при што, тоа им е дезинфекција во внатрешноста со која се штитат од бактерии.

Медот запечатен во саќе не се расипува. Според Јовчевски, постојат податоци дека во египетските пирамиди е најден мед од пред 3.000 години кој што бил во саќе и не бил расипан.

Јовчевски е добитник на многу сертификати и награди и е дел од многу проекти кои работат на одржување на пчеларството како професија, од која тој живее.