Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) на сајтот на ЕНЕР вчера го објави нацрт-Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, заедно со нацрт-Извештајот за проценка на влијанието на регулативата и ГАП Анализа. ГАП Анализата е направена во рамките на проектот на ЕУ со наслов „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“.
Европската Унија ангажираше и експерти за да ги подготват законските измени за усогласување на македонското законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.
Мета.мк веќе пишуваше дека евроамбасадорот Дејвид Гир уште на 25 јануари годинава предупреди дека Македонија има опасност да го изгуби пристапот до програмите за финансирање на продукција на содржини на ЕУ, доколку до 31 мај 2023 година земјава не ја усогласи својата законска регулатива со медиумската директива на Европската Унија.
Во нацрт-Извештајот за проценка на влијанието на регулативата се наведува дека актуелниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да се усогласи со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ усвоена во 2018 година.
Со последните измени на оваа директива на ЕУ беа вклучени промени со кои се внесуваат платформите за споделување видеа во опфатот на Директивата, се прилагодуваат дефинициите за да го одразат тој факт, се ревидираат процедурите што се однесуваат на јурисдикцијата над услугите, како и исклучоците од слободата на прием и реемитување, се воведуваат одредби за обезбедување финансиска и функционална независност на регулаторот, се воведува рамноправен третман, во смисла на нивните обврски, за радиодифузните и за услугите по барање и се либерализираат ограничувањата за телевизиско рекламирање и за пласирањето производи.
Притоа, во делот на телевизиското рекламирање и пласирањето производи, со европската директива се засилуваат обврските за заштита на малолетните лица и намалување на нивната изложеност на реклами за алкохол и нездрава храна и пијалоци (ХФФС храна), се засилуваат обврските за обезбедување пристап до содржините за лицата со попреченост, се засилуваат обврските за промоција на европски дела на услугите по барање, се промовираат корегулаторните и саморегулаторните кодекси на однесување и се промовира медиумската писменост.
Дополнително, потребата за усогласување на националното законодавство со Директивата за АВМУ е поврзана и со учеството на Северна Македонија во програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија.
„Новата правна основа за Програмата „Креативна Европа“ (2021-2027) бешe воспоставена во мај 2021 година. Идното учество во сегментот МЕДИУМИ и Меѓу-секторскиот сегмент на програмата е можно само ако државите обезбедат докази дека ги исполниле условите наведени во Директивата за АВМУ. Европската комисија постави нов рок за третите земји за усогласување со Директивата на АВМУ, и тој рок истекува на 31 мај 2023 година. Комисијата треба да ги добие сите неопходни информации што потврдуваат дека Северна Македонија ги исполнува условите од Директивата. Во спротивно, состојбата може да доведе до одлука за суспензија на учеството во сегментот МЕДИУМИ и Меѓу-секторскиот сегмент од Програмата „Креативна Европа“, се наведува во нацрт-Извештајот за проценка на влијанието на регулативата.
Мета.мк веќе пишуваше дека ако до 31 мај годинава не ги усвоиме законските измени во Собранието на РСМ, тогаш постои опасност како земја да го изгубиме пристапот на средства од програмата Креативна Европа, а најголем губитник од ова ќе бидат македонските граѓани поради намалениот пристап до квалитетно преведени книги, филмски наслови или продуцирани филмови.
Ќе имаме помалку пари за уметност ако Македонија го изгуби пристапот до европските фондови