Националното студентско тело, во соработка со Институтот за добро управување и евроатлански перспективи, го претстави проектот „Младите создаваат во својата земја“, иницијатива за која сметаат дека ќе одговори на актуелните предизвици со одливот на млади таленти од земјата, нудејќи конкретни мерки за финансиска и институционална поддршка на младите дипломци во Македонија.
Проектот е насочен кон стимулирање на претприемачкиот дух кај младите преку доделување ваучери до 10.000 евра, кои ќе можат да се користат за основање на стартапи, сопствени бизниси или продолжување на образованието. Оваа мерка, според Националното студентско тело, има за цел да создаде можности за младите да ги реализираат своите професионални амбиции дома, наместо во странство, и со тоа да придонесат за економскиот и општествениот развој на земјата.
Во рамки на проектот, младите ќе имаат можност да аплицираат за ваучери кои ќе им овозможат: Основaње на сопствен бизнис со поддршка од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија; Креирање стартапи со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој; Продолжување на образованието на втор и трет циклус студии на домашните универзитети a поддршката од државните институции, вклучувајќи ги Министерството за економија, Министерството за образование и наука и Агенцијата за вработување, би биде клучна за успешната реализација на проектот.
„Нашата цел е да го намалиме одливот на млади од Македонија, нудејќи конкретни и одржливи решенија за развој на кариерите на младите тука во нивната земја“, изјавија од Националното студентско тело, додавајќи дека овој проект ќе помогне да се зголеми иновативноста и креативноста на младите, кои се клучен двигател на секоја модерна економија.
„Преку развој на стартапи и претпријатија, младите ќе имаат можност да ги имплементираат своите идеи и да ја градат иднината на земјата со нови и иновативни бизнис модели“.
Во однос на обезбедувањето средства за овој проект, Националното студентско тело предлага тоа да биде направено преку распределба на веќе постоечките фондови, буџетско финансирање, ЕУ фондови и меѓународни донатори, како и кредитирање.