Националните паркови имаат огромен потенцијал за еколошки туризам

Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Пешачење или возење велосипед во природа, здрава храна произведена од локални производители на еколошки начин, чист воздух и вода и многу шума и зеленило. Можностите за еколошки туризам во земјава се огромни, а четирите национални паркови со своето природно богатство и биодиверзитет се вистински потенцијал за развивање на одржливи бизниси. Зачувувањето на животната средина од една и подобрувањето на благосостојбата на локалното население од друга страна е вистинската насока која може да им донесе поголема самостојност и одржливост. Традиционалната македонска гостопримливост, пак, е само дополна на извонредните можности.

За Јован Божиноски, туризмолог и претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“, развојот на одржлив туризам не значи само избегнување на негативното влијание врз животната средина, туку и поттикнување на локалниот економски развој, што треба да го насочи локалното население да размислува и да работи во насока на заштита на природните и традиционални вредности.

„Еколошкиот туризам е голема можност за младите кои живеат во или во близина на заштитените подрачја. Бизнисот и екологијата несомнено мора да се надополнуваат, бидејќи без вистински заштитена животна средина, во тие региони ќе нема ниту бизнис, односно развој на туризмот. Исто така, без правилен развој на туризмот ќе немаме ниту заштита на животната средина“, вели Божиноски.

Тој посочува дека масовниот туризам не е соодветен за заштитените подрачја, туку тоа се сите видови на авантуристички туризам. Кон него, смета треба да се водат и насочуваат сите оние кои ќе сакаат да работат во интерес на природата и правилниот развој на овие региони.

Еден од нив е и Драгиша Јововски, кој веќе пет години го управува хостелот „Китка“ во селото Вратница. Лоциран е токму на границата на новиот национален парк, во подножјето на врвот Љуботен. Јововски вели дека Шара има неограничен потенцијал за одржливи еко бизниси кои можат да ги привлечат младите, да останат во селата и да живеат и да работат во соживот со природата.

„Целата туристичка понуда која ја имаме е поврзана со доживување на убавините на Шар Планина. Гостите, кои најчесто се од странство, одат на планинарење или возење велосипеди по веќе направени патеки, а ние им обезбедуваме водич или мапи. Јас имам и сопствена градина, во која произведувам зеленчук и овошје, имам и пчеларник, па гостите можат да уживаат во домашна органска храна и планински чај со мед“, вели Јововски.

Фото: Хостел Китка

Вообичаениот поим за годишен одмор е веќе видена и изживеана активност, која сè повеќе и остава отворен простор за уживање во допир со природата. Јововски вели дека одлучил, не само да дочекува гости, туку и постојано да живее во Вратница.

„Кога почнавме пред пет години имавме само три соби за сместување гости. Се изненадивме колку беше голема побарувачката, го согледавме потенцијалот и целата куќа, која е во семејството со генерации, ја прилагодивме за оваа намена. Сега има седум соби, три тоалети и две кујни. Во моментов уредувам и еден дел од дворот за паркирање кампинг возила, бидејќи многу од гостите така патуваат“, вели Јововски.

Берењето зачински билки, печурки или шумски плодови, производството на сирење на традиционален начин, одгледувањето пчели и многу други активности можат да бидат почетна точка на бизнис во овој регион. Сите овие одржливи бизниси, вклучително и туризмот може да претставуваат значаен дел за самоодржливост на националните паркови.

„Сепак, главниот приоритет на парковите, покрај развојот на одржлив туризам, треба да е заштитата на биодиверзитетот, преку научните истражувања и менаџирањето со шумите и пасиштата како посебен дел“, смета туризмологот Божиноски.