Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, учествуваше на Конференцијата на командантите на Јужното крило на НАТО, која се одржа на 19 и 20 ноември во Здружената команда на НАТО силите во италијанскиот град Неапол, соопшти Министерството за одбрана (МО).
На годинашнава координативна Конференција беа дискутирани повеќе теми од стратешко значење за Алијансата, како регионалните планови на НАТО и активностите под надлежност на Здружената команда на НАТО силите во Неапол.
Генералот Лафчиски ги сподели придонесот и ангажманот на Северна Македонија, пред сѐ во операциите, вежбите и иницијативите кои се од заеднички интерес на сојузничките и партнерските земји, кои се дел од Јужното крило на НАТО.
„На Конференцијата беа разгледани резултатите од Самитот на НАТО во Вашингтон, трансформацијата на командните структури, справувањето со секаков облик на безбедносни предизвици, меѓу кои и терористичките закани во зоната на надлежности на Здружената команда на НАТО силите, како и можностите за унапредување на регионалната соработка помеѓу сојузниците и земјите партнери со цел зајакнување на безбедносната состојба“, велат од МО.