Нацевска: Народната банка го унапреди финансискиот пазар и го подготвува за рамноправно вклучување во европскиот платен систем

На годишното собрание на АЦИ Македонија, вицегувернерката Нацевска истакна дека Народната банка спроведе реформи со видливи резултати и активно ги поддржува подготовките за вклучување во европската СЕПА шема за плаќања

Вицегувернерката Емилија Нацевска на АЦИ Македонија | Фото: НБРСМ

На 30-тото Годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ Македонија, вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, се осврна на значајните чекори што централната банка ги презема за развој на домашните финансиски пазари. Како што соопшти НБРСМ, Нацевска рекла дека банката не само што била активен двигател на реформите досега, туку и во иднина ќе продолжи да биде партнер во градењето сигурен, ефикасен и конкурентен финансиски систем.

„Нашата цел е да создадеме поефикасно финансиско окружување кое ќе го поддржи економскиот раст и ќе придонесе за просперитетот на земјата“, рече Нацевска додавајќи дека Народната банка го унапредила девизниот пазар, пазарот на пари и го воспоставила секундарниот пазар на државни хартии од вредност.

Како посебно значајно достигнување оваа година, Нацевска го нагласи прифаќањето на Република Северна Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со што се отвора патот за модернизација на платните услуги и зголемена интеграција со европските финансиски текови. Таа информираше дека веќе една банка поднела апликација за членство, а останатите се во напредна фаза на подготовка.

Во своето обраќање Нацевска ја нагласи и долгогодишната соработка со АЦИ Македонија, здружение кое од своето основање во 1996 година служи како професионална платформа за развој на банкарските пазари, размена на искуства и унапредување на професионалната етика.

АЦИ Македонија оваа година го одбележува својот 30-годишен јубилеј, а воедно и 70 години постоење на глобалното семејство на ACI Financial Markets Association.