На вториот фестивалски ден од ПРВО ПА ЖЕНСКО 9 отворена изложбата на Албена Баева

Фото: Ванчо Џамбаски, https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72157719399290704

Изложбата „Овцата, змијата, кучката и нивната свиња“ на Албена Баева вчера вечер беше отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ) во рамките на вториот фестивалски ден на ПРВО ПА ЖЕНСКО 9. Изложбата ги критикува онлајн дискусиите, а секојдневниот банален сексизам чија цел е да ги девалвира, одбива и навредува жените, е основната инспирација за делата на изложбата.

Албена Баева е визуелна уметница, кураторка и продуцентка која фокусот на своето творештво го наоѓа на раскрсницата помеѓу уметноста, технологијата и општествените науки. За нејзините интерактивни инсталации наменети за урбани средини, таа користи машинско учење (ML) и вештачка интелигенција (AI), физичко сметање, креативно програмирање и направи-сам техники.

Изложбата на Баева ќе можат да ја погледнат сите заинтересирани лица и во текот на наредните фестивалски денови во МКЦ. Воедно, во текот на денешниот ден, оваа уметница заедно со Станимир Панајотов организираа разговор кон изложбата со заинтересираната публика.

Целокупната програмата на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО 9 може да се види овде. Фестивалските денови продолжуваат до 16 јуни, во чии рамки е предвидено одржување на филмски проекции, промоција на книга, разговори и панел дискусија.

Програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на Women on Women (WoW) проектот – кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto žensk од Љубљана, VoxFeminae од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин.

Овогодинешното издание на Прво па женско е поддржана од: Програма Креативна Европа на Европска комисија, Фрида – фонд за млади феминистки (FRIDA | The Young Feminist Fund), Министерство за култура, фондацијата Квина тил квина (Kvinna till Kvinna Foundation) и Град Скопје.