fbpx

На Водно е дозволено движење со почитување на посебните мерки на Владата

-

Граѓани кои дошле да се рекреираат на Водно во време кога не се на сила посебните мерки, кои не се движеле во групи и на ниту еден начин не ги кршеле важечките уредби донесени од Владата за справување со Ковид 19, изминативе две недели се пресретнувани од полициски патроли и враќани долу со предупредување дека против нив ќе бидат превзмани полициски мерки. Ова создаде дилема кај многу луѓе кои редовно или повремено спортуваат планинарејќи или возејќи велосипед по падините на Водно бидејќи меѓу објавените владини мерки никаде не стои дека е забрането движење и рекреирање на планината, доколку се почитуваат дадените ограничувања.

Се работи за поголем број случаи на опоменати и вратени граѓани кои и припаѓаат на старосната група на постари од 18 и помлади од 67 години, и најчесто се движеле сами, а не во група, но тие главно поминуваа со коментари на социјалните мрежи.

„Вчера, како и во повеќе наврати во изминатиов период отидов од средно Водно до врв, одам сама во 6.30 и се враќам во 9.30 часот. Бев запрена од полициска патрола, ми беа запишани податоци и бев предупредена дека следниот пат ќе постапеле по член 205 и 206, бидејќи било забрането движењето на Водно. Проверив, таква забрана односно уредба нема објавено никаде“, вели Маја Лазарова од Скопје, која редовно се рекреира на падините на Водно и тоа го прави во утринските часови, во склад со пропишаните забрани.

Вакви и слични искуства имале и други планинари и велосипедисти, било да се движеле кон средно Водно или кон Горно Нерези, за потоа да продолжат кон врвот Крстовар, од кои добар дел повеќе не одат на Водно поради страв да не бидат малтретирани од страна на полициските патроли.

Откако од страна на службите за информирање на Град Скопје и на Владата ни беше посочено дека овие институции немаат донесено посебни одредби кои би забранувале движење на Водно освен во часовите пропишани со посебните мерки на Владата, „Мета.мк“ побара појаснување од Министерството за внатрешни работи.

„За движење на граѓаните на Водно се применуваат истите ограничувања кои Владата ги донесе на 6 април, додека во време во кое што е дозволено движењето е дозволено и рекреирањето на Водно. Тоа практично значи дека за сите граѓани важи забраната за движење секој работен ден од понеделник до петок од 16 часот до 5 часот наутро наредниот ден, а за време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник на целата територија на државата. Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 часот до 12:00 часот, додека за лица до 18 години се забранува движењето од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 часот до 15:00 часот, стои во дописот од Министерството.

„Полициските службеници поставени на пунктовите лоцирани на пристапните места до планината Водно, соодветно преземаат мерки и активности против прекршителите на горенаведените забрани согласно насоките на Владата, но и информираат и предупредуваат на доследно почитување на мерките и препораките за заштита од корона вирусот“, велат од МВР.

Од ова практично произлегува дека движењето на Водно е дозволено за поединци постари од 18 и помлади од 67 години секој работен ден од 5 часот наутро до 16 часот попладне.

Револтирана од односот на полицијата, Лазарова отишла и во Полициската станица Ѓорче Петров каде што, според нејзини зборови, дежурниот службеник и се заканил дека ќе оди на суд, а „ако уште еднаш одела на Водно, против неа ќе превзело мерки Јавното Обвинителство“.

Од МВР ги упатуваат граѓаните кои сметаат дека им биле прекршени правата или имале несоодветен третман од страна на припадници на МВР да се обратат до секторот за внатрешна контрола при Министерството.

Лазарова вели дека случајот го пријавила и во МВР и во Влада, а се обратила и до Хелсиншки Комитет бидејќи смета дека се работи за кршење на човекови права.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...