Економскиот факултет на Универзитетот во Тетово организираше дебата на тема „Предизвиците на економскиот развој на туристичка дестинација Попова Шапка”, каде се дебатираше за проблемите и можните решенија за проблемите на Попова Шапка, пренесува „Порталб.мк“.

Во дебатата беше истакнато дека иако голем број стратегии за развој на туризмот на национално ниво идентификувале проблеми, доста сложени потешкотии, сепак се добива впечаток дека Попова Шапка практично не е третирана на соодветно ниво.

– Дебатата има за цел да направи чекор напред во идентификацијата на проблемите и никако нема за цел да се определи каде е вината. Вниманието треба да се фокусира на идентификација на нови алтернативи за надминување на потешкотиите и изнаоѓање можности за поефикасно и над се, рационално користење на тоа што реално може да го понуди Попова Шапка – рече продеканот на Економскиот факултет, Аида Изеири.

Во дебатата беше кажано и дека туристичкиот центар Попова Шапка треба да биде конкурентен на пазарот и да пртеставува мотор на развојот за оваа област. Властите треба што побрзо да ги решат проблемите со имотно-правните односи, да инвестира во студија за продуктивност или физибилити студија, без учество на субјекти кои имаат судир на интереси.

– Треба да се подготви стратешки план во функција на одржливиот развој и избор на модел на развој, или спроведување на модел кој е успешен во други области со слични карактеристики, вклучувајќи и изработка на детален урбанистички план, како и изградба на модерна комуникациска инфраструктура. Исто така, треба да се разгледа ставањето во функција на жичарата и така натаму – рече Сали Жаку.

Учесниците на дебатата беа од различни сфери, бизнисмени и активисти, професори и претставници на „ЕЛЕМ Турс“.