На УКИМ и УКЛО се пријавуваат повреди на студентските права, другите универзитети немаат правобранители

универзитети студенти
фото: Мета.мк

Недостапни професори, ненавремено закажување на испити, скратени рокови за сесии и бавни процеси на издавање документи од студентските служби – ова се проблемите што студентите ги пријавувале кај студентските правобранители на дел од државните универзитети во Македонија.

Според Законот за високо образование, заради заштита на правата на студентите, на секој универзитет се избира студентски правобранител. Тој делува на ниво на универзитетот и се грижи за заштита на правата на студентите кога истите се повредени од органите или од членови на академската заедница на универзитетот.

Но, студентски правобранители засега има само на два од петте државни универзитети – на УКИМ во Скопје и на битолскиот УКЛО.

И покрај обврската според Законот, студентски правобранители сѐ уште не се избрани на останатите универзитети. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, студентски правобранител не постои, но од таму велат дека по формирањето на новото Универзитетско собрание, во најкус можен рок ќе биде распишан и конкурс за избор на правобранител.

Од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид рекоа дека студентски правобранител досега немале, а немало ниту најава за негов избор.

За Државниот универзитет во Тетово, пак, нема јавно достапни информации за постоење на студентски правобранител, а Универзитетот не одговори ниту на барањата на „Мета.мк“ за информации околу студентското организирање таму.

На двата универзитета каде што ги има, студентските правобранители активно се борат да ја промовираат оваа „нова“ функција помеѓу студентите и да ја стекнат нивната доверба за да конечно почнат да ги решаваат повредите на студентските права по законски пат.

Фото: Арбнора Мемети

Студентската правобранителка на најголемиот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“ беше избрана кон крајот на минатата година, а оваа улога ѝ припадна на Теа Мицевска.

Мицевска вели дека студентскиот правобранител е орган кој после долго време е легитимно избран на Универзитетот и како заштитник на правата на студентите мора да ужива доверба од нив.

„Стремам кон тоа студентите да развијат чувство на доверба и слобода за пријавување на проблемите за да се овозможи позитивна атмосфера и за идните генерации да го продолжат изборот и функционирањето на студентскиот правобранител. Досега ние како студенти немавме легитимен орган до кој можевме да се обратиме за нашите проблеми и за решавање на истите, затоа ова е зародиш на функционирање на овој орган во вистинска смисла на зборот“, вели Мицевска.

Таа додава дека два месеца по нејзиниот избор, до неа пристигнале неколку пријави за повреда на правата на студентите, а најголемиот дел од нив се однесувале на недостапноста и неажурноста на професорите околу предавањата и испитните сесии.

„Мета.мк“ и претходно пишуваше за проблемот со недостапните професори со кои се соочуваат студентите на универзитетите.

„Проблемите се движат од недостапност на професорите во смисла на недавање одговор на испратени мејлови, па сѐ до посериозни прекршувања како кратење на рокот на сесијата, ненавремено закажување на испити или неоставање доволно простор меѓу два закажани испити по ист предмет. Генерален впечаток е дека речиси на сите факултети студентите се незадоволни од бавниот процес на издавање на било какви документи од страна на факултетите. Сето ова е основа за постапување согласно Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање“, вели Мицевска.

Tea Micevska
Теа Мицевска, студентска правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ / фото: лична архива

Кршење на правата на студентите од страна на професорите се пријавуваат и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, кој воедно е и прв универзитет во државата на кој беше избран Студентски правобранител. Носителот на оваа функција, Бојан Петровски, објаснува дека во неговиот мандат кој трае речиси една година, до органите на Универзитетот реагирал за неколку пријави.

„Студентите пријавуваат најразлични повреди на правата, иако истите не се многу на број. Во Годишниот извештај на Студентскиот правобранител може да се видат сите постапки спроведени од страна на Студентскиот правобранител при УКЛО, по претходни пријави од страна на студентите. Како пример, можам да наведам случај во кој на студент не му бил дозволен увид во испитот, иако тоа е право загарантирано со Статутот на УКЛО. Друг пример од праксата е недозволување на студент да полага предмет, иако уредно го запишал“, вели Петровски.

Сепак, малиот број пријави на повреда на правата на студентите укажува на недоволно познавање и незаинтересираност помеѓу студентите околу заштитата на нивните права. Петровски смета дека студентите не се свесни, ниту пак се охрабруваат да реагираат навреме кога некое нивно право е повредено.

„Ќе направам една паралела со свеста на македонските граѓани општо. Сметам дека граѓаните или не реагираат соодветно, или воопшто не реагираат за многу големи проблеми со кои се соочуваме во секојдневието. Како премолчувањето на големите проблеми да е длабоко внедрено во нашата политичка култура. Би рекол дека генерално истиот случај е и во високото образование. Сметам дека студентите честопати не се свесни за нивните права, па дури и да се свесни, не се охрабруваат да реагираат кога нивните права се прекршени. Затоа, се трудам да ја промовирам институцијата Студентски правобранител, да ги охрабрам студентите и да дадам придонес во почитувањето на правата на студентите, загарантирани со соодветните правни аспекти“, вели Петровски.

Мицевска е децидна дека студентите мора да се борат за заштита и унапредување на нивните права, а тоа може да се постигне преку заедничка соработка помеѓу студентите, но и со органите на факултетите.

„Ги охрабрувам студентите кои чувствуваат дека некое нивно право е загрозено или повредено да ме исконтактираат за да можеме да разгледаме за каков проблем станува збор. Доверливоста е едно од основните начела кое сум должна да го почитувам и оттаму не постои никаква опасност за откривање на нивниот идентитет. Фокусот се става на евентуалните недостатоци во рамките на Универзитетот и постапување по истите со цел да бидат отстранети“, вели Мицевска.

Самите универзитети, според закон и според нивните статути, имаат обврска да соработуваат со студентските правобранители. Петревски вели дека е задоволен од респонзивноста на органите на УКЛО, но не и од Министерството за образование и наука, од каде, и покрај јавниот притисок и директно воспоставениот контакт, не добил одговор на неговите барања кои се однесувале на отворање на студентските домови за дел од студентите минатата година.

„Поддршката од страна на Ректоратот на УКЛО е голема, Ректоратот е секогаш тука да ми излезе во пресрет за што и да било, а исто така одлична поддршка и соработка имам и со единиците на УКЛО, кои соодветно постапуваат по моите укажувања. Но, не сум задоволен од соработката со Министерството за образование и наука, кое во една прилика минатата година не најде начин да одговори на моите барања, иако јавно ги прозвав, а и преку меил ги контактирав тогашните раководни лица на МОН, но ниту ми беше одговорено од засегнатите лица, ниту беше постапено по моите барања“, тврди Петровски.

Бојан Петровски, студентски правобранител на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ / фото: лична архива

И тој апелира студентите да не премолчуваат и да го контактираат него или замениците-студентски правобранители на факултетите за консултација или пријави на кршење на нивните права.

„Премолчувањето на повредите на студентските права не ги елиминира тие повреди, затоа, сите студенти, преку правобранителите, треба да реагираат доколку се соочат со неправди во текот на студирањето. Само заедно, со здружени сили, ќе успееме да се избориме со неправдите и да го направиме нашиот образовен систем подобар“, дециден е Петровски.

Сексуалното вознемирување на универзитетите исто така треба да биде пријавувано кај студентските правобранители.

Студентите на УКИМ кои се соочуваат со сексуално вознемирување или друга повреда на нивните права, тоа можат да го пријават на електронската адреса на студентската правобранителка Теа Мицевска: [email protected].

Студентите на УКЛО, случаите можат да ги пријавуваат кај студентскиот правобранител Бојан Петровски преку е-адресата [email protected] или телефонскиот број 075 267 837.