Вкупно 21 пациенти ја посетиле Клиниката за токсикологија за време на новогодишната ноќ. Од нив 18 имале труење од алкохол. Како што информираше денеска директорот на клиниката, д-р Андон Чибишев, овие бројки на пациенти се помали споредено со претходните години. Чибишев информира дека помош понудиле на четири жени и на 14 мажи. Најмладиот пациент со алкохолно труење бил на 14 години, а најстариот на 38 години, додека најмладата пациентка имала 17, а најстарата 26 години.
На Токсикологија завршил и пациент кој покрај алкохол, на новогодишната прослава, пиел и таблети. Чибишев информира дека сите пациенти се испратени на домашно лекување.
Во хируршките клиники „Мајка Тереза“ е згрижено и 13 годишно дете со тешка повреда на раката од петарда. Според доктор Игор Мерџаноски, детето е веќе оперирано на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката. На клиниките направени се и 35 прегледи од кои кај девет лица од сообраќајни незгоди со лесни телесни повреди и двајца пациенти од физички напад.
На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, за време на новогодишната ноќ немало повредени од петарди. Директорот Небојша Настов информира дека во текот на декември биле прегледани над 50 лица со повреди од петарди, најчесто малолетници на возраст од 12 до 17 години.