Младите од Република Северна Македонија сакаат промени во образованието, квалитетна настава, премостување на дигиталниот јаз, прекинување на врсничкото насилство, вештини за учење, инклузивно образование и друго. Тоа беа дел од темите кои ги посочија денеска во Владата шест млади претставници по повод „Светскиот ден на детето“, 20 ноември. Тие учествуваа на средбата на високо ниво: „За децата, со децата“, на која се зборуваше за една од најитните теми: како да се преосмисли иднината на образованието и да се создаде уште подобро образование по ковид-19. Средбата беше организирана од Владата, во партнерство со УНИЦЕФ и Делегацијата на ЕУ и Младински образовен форум.

Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министрите за образование и наука, труд и социјална политика, животна средина и просторно планирање, шефот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, се собраа за да ги слушнат младите и да дискутираат на теми што ги избраа самите тие. Темите се однесуваа на квалитетна настава, намалување на дигиталниот јаз во образованието, менталното здравје и врсничкото насилство во образованието, вештини за учење, наспроти паметењето факти, еко-училиштата и правичноста и инклузивното образование.

„Нашата цврста намера е да дизајнираме образовен систем кој ќе создава личности кои ќе размислуваат критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти, докази и анализи,“ рече Заев.

Според амбасадорот Дејвид Гир : „За да изградиме следна генерација која ќе може да се вклучи во општеството и да има чувство на исполнетост кога го прави тоа, неопходно е да постои образовен систем соодветен на таа цел“.

Патриција До Џовани, посочи дека денес не станува збор за тоа како да се вратиме на „нормалното“ по пандемијата, туку за тоа како подобро да го надградиме тоа што го имавме.

„Затоа што „нормалното“ никогаш не беше доволно, денес сме тука да ги слушнеме младите кои имаат огромен увид во тоа како замислуваат подобра иднина за себе и за идните генерации, а од нас зависи да ги ислушаме и да го земеме предвид тоа што имаат да го кажат“, рече таа.

Младите претставници ги нагласија следните теми: Со промената на потребите на учениците треба да се менуваат и методите на предавање (Кристијан Поповски); Местото на живеење не треба и не смее да биде предуслов за еднакво достапно образование (Кудрет Феризи); Сакаме да живееме во систем во кој кон менталните нарушувања нема да се гледа со презир, туку ќе се пристапува со емпатија (Сара Ковачовска); Учениците нe треба да бидат пасивни на часовите, туку активни придонесувачи. Треба да дебатираат меѓу себе, да кажат кога не се согласуваат, но да понудат аргументи за своите тврдења и констатации (Ерона Азизи); Сончевите панели не само што ќе ја намалат годишната емисија на CO2 на нашите училишта туку ќе придонесат тие да станат финансиски понезависни (Васил Ханџиски); Не можеме да имаме инклузивно образование без пред тоа да има емпатија и солидарност помеѓу нас (Христина Јовчевска).

Претставниците на Владата во дебатата потврдија дека за голем дел од размислувањата и сугестиите на младите ќе се побараат решенија и ќе се организираат средби и дебати преку нивни претставнички организации.

„Ние возрасните сме овде за да го слушнеме гласот на сите ученици и млади во државата. Владата е посветена на воведување на системи кои се одржливи и кои ќе даваат резултати. Тоа го правиме со менување на наставните програми за основно и за средно образование, и во јакнење на инклузивното образование, јакнење и вложување во наставниот кадар којшто е многу важен во целиот образовен процес и преносот на знаењето кон учениците“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, Конвенцијата за правата на детето повикува да се јакне детското учество за сите прашања што ги засегаат децата. „Ќе мораме да размислиме како почесто да го слушаме детскиот глас во креирањето јавни политики, зашто децата се иднината на светот,“ рече Шахпаска.

Насер Нуредини, министерот за животна средина посочи дека чистиот воздух не е политичко прашање и за тоа треба да се најде заедничко решение.

„Наша обврска е да работиме на долгорочни стратегии. Иднината ви припаѓа вам и на моето дете“, рече тој.

Покрај овој настан во Владата, денеска зградите и обележјата во Скопје се осветлија во сина боја како симболичен гест на нивната заложба за унапредување на правата на децата. Владата, Собранието, УНИЦЕФ, делегацијата на ЕУ, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на современа уметност, Амбасадата на Италија, како и приватните партнери, Халк банка и Рамстор мол се приклучија кон иницијативата.

На Светскиот ден на детето, 20 ноември, се одбележува потпишувањето на Конвенцијата за правата на децата на Обединетите нации.