На „Steam Game Festival“ бесплатно ќе може да се испробаат демо верзиите на повеќе од 500 претстојни видео игри

фото: Mateo Vrbnjak на Pixabay

Во среда започнува новото издание на „Steam Game Festival“ организиран од компанијата за видео-игри „Валв“ (Valve). Фестивалот ќе трае сè до 9 февруари, а според најавата, на играчите ќе им биде овозможен бесплатен пристап до демо верзиите на повеќе од 500 игри кои треба да бидат објавени на „Стим“ (Steam) подоцна годинава.

Како дел од фестивалот ќе бидат стриминг- преносите во живо, а играчите ќе имаат и можност да разговараат и да им поставуваат прашања на девелоперите на новите игри, па освен што ќе се информираат за игрите, истовремено ќе можат да дадат и свое мислење за истите.

„Steam Game Festival“ ќе биде домаќин на неколку нови девелопери, а ќе присуствуваат и ветерани од индустријата за видео игри.

Од она што е објавено може да се заклучи дека на фестивалот ќе бидат претставени многу игри од жанровите акција, стратегија, авантура и визуелни романи.

Краткото видео објавено од „Стим“ открива дел од игрите чии демо верзии ќе бидат достапни на настанот, а меѓу нив се и Hazel Sky, Black Book, Genesis Noir, The Riftbreaker, Narita Boy, Almighty: Kill Your Gods и други.

„Валв“ започна со организирање на виртуелниот фестивал во март минатата година, откако неколку големи настани во индустријата за игри, меѓу кои и Game Developers Conference, беа откажани поради пандемијата. Компанијата оттогаш одржа неколку вакви настани и фестивали на кои независните девелопери на игри можеа да ги претстават и промовираат своите дела пред милиони гејмери од целиот свет.

Повеќе информации можат да се најдат на официјалната веб страна на фестивалот.