Европратеникот Андреас Шидер, ко-претседавач на Мешовитата парламентарна комисија ЕП - Собрание | Фото: Принтскрин

Разочарување што Северна Македонија не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ, критики кон Бугарија за блокирањето на евроинтеграциите на земјава, но апел за конструктивно и одговорно однесување на сите партии во Собранието, пропратено со високи оценки за досега постигнатото во Северна Македонија во реформите. Ова се главните теми кои се дискутираа на денешниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската Унија кој попладнево се одржа онлајн.

Состанокот, кој мина со неколку технички проблеми при вклучувањето на учесниците од земјава, ја одбележаа посебно европратеничката од Словенија Ирена Јовева и бугарскиот европратеник Александар Јорданов, кои изразија остро спротивставени ставови за проблемот на Северна Македонија и Бугарија.

Јовева изрази разочарување наспроти големото задоволство на Јорданов од денешното гласање во Европскиот парламент во кое не беше усвоен амандманот со критики кон Бугарија, туку беа усвоени два амандмани што, помалку или повеќе, ја префрлаат одговорноста за недоразбирањата врз Северна Македонија.

Со поприлично разочарување за бугарската блокада настапија и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој изрази жалење за како што рече, не „билатералниот, туку унилатерален спор“, како и пратеничката од НСДП, Соња Мираковска, кој рече дека „најблиските го зададоа најголемиот удар“.

Другото важно прашање што доминираше на седницата беа пораките од Џеновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, како и од Марко Маковиц, заменик директор за Западна Европа, Западен Балкан, Турција и Обединето Кралство во Службата за надворешни работи, кои повикаа на конструктивност на сите политички партии во Собранието заради поефикасна работа и спроведување на реформите за доброто на граѓаните.

Постигнато е многу, но мора да се продолжи

Седницата ја отворија двајцата ко-претседавачи Андреас Шидер од ЕП и Биљал Касами од Собранието на Северна Македонија. Шидер, почнувајќи со поздрав на македонски јазик, порача дека ЕП традиционално ја поддржува стратегиската ориентација на Северна Македонија за спроведување на реформите, дека земјава постигнала голем напредок во реформите, но мора да продолжи со нивно спроведување за зајакнување на владеењето на правото, но и заштита на правата на жените и младите и на разните малцинства, вклучително и сиромашните. Шидер посебен акцент стави и на заштитата на животната средина, а порача и дека земјава треба да го спроведе целосно процесот.

„Гледаме дека Северна Македонија и покрај економските проблеми и пандемијата има постојан напредок на усвојување на законодавството на ЕУ“, рече Шидер, но предупреди дека земјата не смее да заостане и мора да се работи за правата на жените, младите, малцинствата од секоја категорија, од националностите, како и ЛГБТ лицата, лицата со попреченост, луѓето од руралните средини.

„ЕП ги поздравува и реформите на безбедносните служби. Но важни се и заштитата на животната средина, како и проблемот со хидроенергијата и малите хидроцентрални и на тоа мора да се обрне внимание“, рече ко-претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет.

По 19 години земјата почнува попис и поттикнуваме тој да се спроведе, порача Шидер

Ко-претседавачот од македонското Собрание, Биљал Касами, се заблагодари за поддршката од ЕУ, посебно од ЕП, и порача дека земјата продолжува со реформите, но дека ѝ е неопходна јасна европска перспектива и јасна временска рамка. Тој одбележа дека се постигнати големи исчекори, но дека тоа не значи застанување за земјава, и покрај билатералното прашање со Бугарија која нè сопре на патот кон ЕУ

„Извештаите на ЕП иако не се правно обврзувачки, многу ги цениме, оти се јасни препораки за подобрување“, рече Касами.

„Напредокот и усвојувањето реформски закони со цел владеење на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал, судски реформи, реформи на разузнавачките служи, на јавната администрација, резултираше на 26 март 2020 година да добиеме препорака за преговори за членство“, додаде тој.

Без јасна европска рамка ќе се соочиме со зголемен евроскептицизам

Но, како што рече Касами, во моментов се соочуваме со застој, оти не ги надминавме разликите со Бугарија за прашања кои се билатерални и не се поради правото на ЕУ.

„Се надеваме дека ќе тоа ќе биде надминато, оти тоа може да го загрози легитимитетот на ЕУ. Сметаме дека договорот од 2017 година е добра основа за решавање на спорот и се надеваме дека по парламентарните избори во Бугарија, со заеднички пристап ќе ги интензивираме контактите и ќе ја зајакнеме довербата“, потенцираше Касами.

Тој додаде дека ни е потребна јасна европска перспектива, јасна временска рамка. Во спротивно, може да опадне довербата кај граѓаните во Северна Македонија, што може да доведе до развој на евроскептицизам, што ќе биде лош пример.

Како посебно важен, Касами го истакна и процесот „Жан Моне“, кој треба да доведе до подобрување на функционирањето на македонското Собрание. На таа тема се осврна и членката на Мешовитата парламентарна комисија Соња Мираковска, која порача дека процесот ќе доведе до подобар Деловник на Собранието, како и до тоа да има многу повеќе надзорни расправи во Собранието.

Инаку, Касами во воведното обраќање заблагодарувајќи се за сета помош што ЕУ ја додели на земјава за справувањето со пандемијата, одбележа дека „сепак изостана европска солидарност за правичен пристап до вакцините, што би гарантирало дека сите, па и помалите, се рамноправни“.