Градот Скопје не треба да се откажува, туку треба да го имплементира новиот автоматизиран систем за самоизнајмување велосипеди во главниот град, но и да го интегрира велосипедскиот сообраќај со јавниот превоз. Ова е стручниот став на универзитетскиот професор по јавен градски превоз Никола Крстаноски од Техничкиот факултет од Битола.
Во периодот на глобална пандемија со корона вирусот, за експертите е актуелно прашањето на кој начин да се обезбеди одржливост на јавниот градски превоз, во услови кога тој е неопходно средство за патување на граѓаните, но истовремено е и една од опасните локации каде што би можело да се пренесе корона вирусот.
– По самата природа на работите, јавниот градски превоз е масовен превоз. Од друга страна, пандемиите го бараат токму спротивното – исклучување на било какво масовно собирање – вели професорот Никола Крстаноски.
Тој посочува дека Градот Скопје треба да вложи во воведувањето на најавениот систем за изнајмување велосипеди, а многу градови во Европа и без корона вирусот се одлучија да инвестираат во велосипедскиот сообраќај како дел од нивните градски сообраќајни системи. Професорот Крстаноски додава дека до стојалиштата и станиците за јавен градски превоз треба да се проектираат паркинзи за велосипеди, а би можело да се размисли и за посебен простор во автобусите што ќе биде наменет за сместување на велосипеди.
Покрај во рамките на новиот систем за самоизнајмување велосипеди, ваквите велосипедски паркиралишта би можеле да ги користат и оние граѓани што имаат сопствено превозно средство на две тркала.
– Верувам дека значаен процент на граѓани би откриле најпогодна варијанта за движење, ако со велоспед доаѓаат до стојалиште на ЈСП, таму го паркираат велосипедот и го продолжат патувањето со јавен градски превоз. Ова би било интересно за граѓаните кои живеат во подалечните населби кои немаат добра опслуженост со јавен градски превоз – смета професорот Никола Крстаноски.
Градските власти минатото лето го префрлија системот за изнајмување велосипеди во Скопје од ЈП „Градски паркинг“ на ЈСП-Скопје. Во моментов се работи на проектирањето на новиот систем за изнајмување велосипеди, со кој би се поставиле на 30 пунктови низ Скопје што би се состоеле од терминал за самоизнајмување велосипеди и 20 држачи за велосипеди. Идејата е граѓаните да ги изнајмуваат велосипедите со СМС или кредитна картичка, а велосипедот да го вратат на било кој од 30-те пунктови низ главниот град.
Краен рок за отпочнување со работа на овој проект засега не е определен, иако веќе трета година не функционира досегашниот проект „Скопје изнајми велосипед“, со којшто раководеше ЈП „Градски паркинг“.