На „Скомрахи“, студентскиот театар останува слободен, трансформативен и поткрепен од заедничката работа

Дознајте повеќе за овогодишното издание на меѓународните студентски средби – како слободарската тема на „Дионизија сега“ се протегаше низ програмата, предизвиците со кои младите актери се соочиле при подготовката на претставите, како и тоа зошто фестивалот е толку значаен за студентите по драмските уметности

Фото: Скомрахи

Во текот на пет дена во ноември, посетителите на меѓународните студентски средби „Скомрахи“ трчаат од Академска сцена на Факултетот на драмски уметности (ФДУ) и Драмскиот театар до Младинскиот културен центар и Албанскиот театар за да постасаат на сите настани на богатата програма. Оваа година тие наидоа на танцови перформанси, претстави од Горан Стефановски на словенечки, филозофско-туристички тури низ Скопје, длабински разговори за креативниот процес во драмските уметности, журки во бифето на ФДУ и, секако, многу, многу претстави.

Мултимедијалната прослава на драмските уметности, која оваа година го слави својот 32-ри роденден, претставува една од најважните и највозбудливи недели за студентите на ФДУ, кои имаат прилика да се запознаат и разменат контакти со други колеги од регионот.

Посетителите чекаат да влезат Драмски театар за отворањето на „Скомрахи“ | Фото: Скомрахи

„Скомрахи“ е организиран за студентите од студентите, кои можеби никогаш не биле толку ангажирани зад кулисите колку што беа оваа година.

„Ова беше прв Скомрахи откако јас сум на факултетот каде студентите се до таа мера вклучени во одделот за програмата. Процесот беше убав затоа што ни беше дадена многу слобода. И иако имаме различни вкусови приватно, многу лесно се согласивме кои претстави треба да ги викнеме од сите можни апликации“, вели за Мета.мк Мартина Даниловска, студентка во четврта година на наставната програма Актерска игра.

Идејата за програмата била разработена на работилница на која студентите требало, меѓу другото, да смислат во кој правец ќе се движи фестивалот. Темата до која стигнале оваа година беше „Дионизија сега“, алудирајќи на Дионизиите во античка Грција, односно фестивали во чест на Дионис, богот на виното, грозјето и екстазата.

Плакатот за овогодишното издание на „Скомрахи“ | Фото: Скомрахи

„Не знам точно кој ја даде таа идеја за Дионис. Размислувавме како ние се ограничуваме и зошто и како уметноста може да не биде ограничена. Aма така некако тргна од тоа – ако Дионисиите би се случувале во 2024, какви би биле?“, вели Мартина.

Можеби тие би изгледале нешто како претставата на отворањето, постановката на „Кралот Иби“ од францускиот автор Алфред Жири од страна на студенти на ФДУ. Станува збор за легендарна драма која го тера гледачот да размислува за политичките системи кои владеат над нас. Но, покрај сериозната тема, претставата е позната по нејзиниот провоцирачки и вулгарен хумор, кој беше токму погоден за овогодишната тема на „Скомрахи“. Студентите ја изведоа претставата во полн дионизиски раскош – со преувеличени движења, шарени костими и громогласни извици.

„Процесот на одбирањето на костимите беше натпревар за кој од нас може најглупаво и најсмешно да изгледа“, вели еден од студентите актери.

„Глупавите“ костими од претставата „Кралот Иби“ | Фото: Скомрахи

Студентите имаа прилика да објаснат вакви детали околу својот процес на една од сесиите на „Скомрахи разговори“, кои за првпат се одржуваат годинава. Станува збор за панел-дискусии по секоја претстава, за предизвиците со кои се соочиле студентите и тоа како самите се промениле и развиле како креативци и уметници низ процесот на подготовка на претставата. Токму на овие разговори можеби и најсилно сјаеше пасијата за театарот на студентите, кои со бескрајна љубопитност го дискутираа својот занает.

На разговорот за „Кралот Иби“, студентите открија дека претставата им била предизвик бидејќи барала од нив гротескна глума, а не реалистична, како што најмногу изучувале дотогаш во своите студии. Дополнително, сценариото вклучувало и дијалог кој произлегол од импровизации, што барало дополнителна заедничка работа, без која студентите заклучија дека немало ништо да постигнат.

Меѓународните студенти, продлабочени во „Скомрахи разговори“ | Фото: Скомрахи

До сличен заклучок стигнаа и групата словенечки студенти, кои ја изведуваа претставата „Фигурае венерис хисториае“ од Горан Стефановски. Комплексноста на сценариото барало константни дискусии, анализи и соработка меѓу актерите и режисерката. Една од студентките рече дека во првите семестри на своите студии често премислувала како самата таа ќе изгледа на сцена или дали ќе биде доволно добра. Но, благодарение на високото ниво на соработка потребно за да се изведе „Фигурае венерис хисториае“, таа вистински почувствувала колку целиот процес на поставување на една претстава не е „за неа“.

„Еден од најтешките денови за еден глумец е кога ќе сфати дека светот не се врти околу него“, се пошегува модераторот на дискусијата.

„Фигурае венерис хисториае“ | Фото: Скомрахи

Колективниот дух на драмските уметности се почувствува можеби најсилно токму на затворањето на фестивалот, каде беа изведени две кореодрами, „Двојна фиеста“ и „Дионизија сега“, две претстави полни со дионизиски ексцес, совршено илустриран низ слободното, но координирано движење на глумците. Во ниедна од двете претстави немаше главен лик – сите глумци беа еден организам.

На романската претстава „Двојна фиеста“ публиката посведочи една луда „искачанка“, полна со играње, секс и пиење. Ликовите прво се однесуваа „прибрано“ и воздржано, дури и се обидуваа да не пијат. Но, полека, но сигурно, забавата стана сè подива и похедонистичка, совршено синхронизирана со хипнотизирачко електронско парче музика, специјално компонирано за перформансот.

Посветеноста и пасијата на студентите кои беа дел од претставата беа очигледни. Неслучајно перформансот дошол од воншколска програма, започната од режисерката на претставата и професорка по сценско движење Андреа Гаврилиу, за студенти кои биле заинтересирани за кореодрами. Со тек на неделите „природно“ се селектирале кои студенти ќе бидат дел од перформансот – тие што посветено ги присуствувале вежбите.

„Двојна фиеста“, актерите ги креваат своите (празни) чаши | Фото: Скомрахи

Како и со словенечката група студенти, учеството во претставата било трансформативно за младите актери. Една студентка рече дека пред „Двојна фиеста“ не танцувала воопшто, ниту приватно ни професионално. Претставата исто така ѝ помогнала да си го ослободи телото на сцена и да не премислува за тоа што прави со нејзиното тело на сцена.

Во „Дионизија сега“, другиот перформанс на затворањето, исто се истакна слободата и сензуалноста на движењата на актерите. Настапот вешто го искористи просторот на МКЦ – скалите до салата „25-ти мај“ станаа бојно поле меѓу двете толпи ликови, кои се бореа за некаква моќ. Неверојатно, перформансот беше производ на тридневната работилница која траеше за време на фестивалот.

„Музиката ја довршив во три саат наутро претходниот ден. Им реков на танчарите, ако некој дел малку подолго го отсвирам случајно, адаптирајте се, играјте малку подолго, ако нешто пократко отсвирам, сменете го така“ – со смеа и во паника се присетува Лука Јанкуловски, студент на Факултетот за музички уметности (ФМУ) кој беше одговорен за музиката на перформансот.

Резултатот на „борбата“ на скалите на Младинскиот културен центар | Фото: Скомрахи

Довербата едни во други е клучна, особено во такви критични моменти кога не е сè баш најподготвено. Враќајќи се на изведбата на „Кралот Иби“, тоа беше првпат студентите да настапуваат на толкава сцена, обично навикнати на интимноста на нивниот „домашен терен“ на Академската сцена на ФДУ. Тие првпат го испробале просторот на денот на премиерата.

„Ни беше малку предизвик дека е нов простор, а имаме премногу промени во костими и шминка. Не знаевме колкав е просторот, дали има време да се истрча до гримиорна, да се нашминкаш, да се облечеш. Беше интересно дека сите си помагаме во тоа. Мене ми е најубаво чувство кога ќе идам позади и тече сцена и еден го брише другиот, другиот облекува некој костим, третиот врзува патика“, вели Мартина.

Актерите од „Кралот Иби“ во гримиорна | Фото: Скомрахи

Стресната, но возбудлива, енергија владеела и во организацијата на фестивалот – студентите преземале многу улоги по потреба – од отворање на фестивалот и интервјуа до сместување на странските посетители и водење социјални мрежи.

„Колку и да знае да е тешка самата организација, убаво е затоа што знаеш дека си направил нешто и дека си придонел некако. И кога ќе чуеш убав збор од гости или од публика, многу значи“, вели Мартина, која истакнува дека, повеќе од сè, фестивалот е пет дена просто уживање.

Мартина на затворањето на „Скомрахи“ | Фото: Скомрахи

Овој „Скомрахи“ е особено значаен за Мартина и нејзината генерација, бидејќи се во последната година од своите студии, па за нив ова е последното издание на фестивалот додека се студенти – следните лекции од претставите ќе ги учат во Драмскиот театар и во Народниот театар, а не на Академска сцена. Но, тоа на никој начин не значи дека тие, како и сите останати љубители на театарот, би пропуштиле прилика да ги сведочат младешката енергија, тензијата, спонтаноста, дружењето и инспиративната посветеност кон свој занает кои несомнено ќе бидат присутни на сите наредни изданија на „Скомрахи“.

Фотографиите се сликани од Наташа Величковска, Симон Гегај, Павел Кардалевски