На Шара мора да се зачуваат природата и традициите и да се развива еко туризам

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Заштита на природата, биодиверзитетот и пејсажите, развој на планинските села и на еко туризмот, поттикнување на традиционалните активности на локалното население и транзиција во раководењето со шумите и пасиштата, се главните активности кои ќе треба да ги содржи идниот План за управување со националниот парк „Шар Планина“. На настанот кој денеска беше организиран од Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија ECARO на IUCN, Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за животна средина на Обединетите нации UNEP, со кој официјално започна изработката на Планот, јавноста беше информирана за активностите и правците во кои во следните пет месеци ќе се движи изработката на нацрт верзијата на овој документ.

Националниот парк треба во иднина да го поддржи развојот на планинските села, особено преку инфраструктурни проекти и иновативни системи за греење. Ќе се поддржуваат и сите традиционални активности на локалното население како што е сточарството и изработката на традиционална храна и сирења. Овие активности, според Даниел Богнер, експерт и лидер на тимот за изработка на Планот за управување со Шара, треба да се негуваат и зачуваат, оти благодарение на тоа што се одвивале со децении наназад, денеска Шара претставува богатство.

„Изработката на планот во идниот период активно ќе ги вклучи сите засегнати страни. За две седмици ќе започнат консултациите со првите групи од вкупно пет, кои ќе ги вклучат локалното население, науката и експертите, невладините организации, институциите и други. Ќе треба да се искористи знаењето на локалното население во изработката на планот и да се послушаат нивните барања. Луѓето бараат инфраструктура, чисти патишта, интернет, треба да се обезбеди управување со отпадот, да се дискутира за нови и иновативни решенија за управување со шумите..“, посочи Богнер.

Тој нагласи дека една од клучните работи е развојот на еко туризмот, бидејќи Шара е извонредна туристичка локација која нуди можности за целата година. Нацрт верзијата на Планот треба да биде готова во септември, по што ќе следуваат јавните расправи и консултации, а финалната верзија на документот се очекува да биде до крајот на октомври.

Прогласувањето на дел од Шар Планина за национален парк е во финална фаза и процедурата во моментов тече во Собранието. Тоа, според министерот за животна средина Насер Нуредини, значи дека прашањето дали Шара треба да е национален парк е веќе одамна надминато и сега треба да се разговара кој е најдобриот начин да се управува ова подрачје. Планот за управување со заштитеното подрачје, посочи, ќе биде алатка за новото јавно претпријатие кое ќе се формира, за да обезбеди вистинска заштита на биоразновидноста, природата и сите други придобивки од прогласувањето на националниот парк.

„Прогласувањето на Шара за национален парк е приоритет повеќе од една деценија. Досега сме направиле многу за заштитата на вредностите на планината, но со прогласувањето ќе направиме голем исчекор во тој правец. Шара ќе биде четвртиот национален парк во државата, а подрачјето ќе добие шанса на одржлив начин да ги развива туризмот, да создава зелени работни места и да обезбеди подобар живот на локалното население. Со отворањето на процесот за подготовка на нацрт планот за управување, треба да се фокусираме на нашата заедничка цел, одржување на Шар Планина со нејзините еколошки, социјални и културни вредности. Се оди на практичност, функционалност и применливост при креирање на иднината за регионот“, потенцираше Нуредини.

Борис Ерг, директор на Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија на IUCN, посочи дека Шар Планина содржи, покрај природно и огромно културно наследство, што подрачјето го прави исклучително важно.

Душица Трпчевска од Агенцијата за планирање на просторот нагласи дека со оглед на тоа дека за заштитените подрачја од највисока категорија задолжително се изработуваат просторни планови, работниот тим за изработка на Планот за управување мора да соработува со Агенцијата и да се погрижи овој документ да биде во согласност со просторниот план за ова подрачје.