Филмот „На сè ќе дојде крај“ на Рајко Грлиќ вечерва ќе го затвори деветтото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Филмот е копродукција меѓу Хрватска, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција и Бугарија.

Улогите ги толкуваат Јелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, Петре Арсовски.

„Макс Пинтер е успешен адвокат од Загреб, кој успева да ги отфрли обвиненијата против неговиот клиент за двојно убиство, богатиот и моќен бизнисмен Динко Хорват. На прославата, Макс е пијан и му кажува на Динко дека ладнокрвно ги убил работниците, кои дошле да прашаат за своите плати. Соочувањето со еден од столбовите на општеството го прави Макс непожелна личност, тој ги губи својот партнер и клиентите, а неговата сопруга го напушта. Со својата девојка од универзитетските денови, Нина, започнува мисија за одмазда. Од друга страна, никој во оваа приказна не е целосно невин и сите се тесно поврзани“, се вели во синопсисот.

Вечерва ќе бидат доделени и наградите на „Киненова“, за кои одлучува жирито во состав Јани Бојаџи (претседател), Асимина Проедру и Дорина Оарга (членови).