Tретиот Саем за лесна индустрија – „Macedonia Manufacturing Expo 2019“ во организација на Асоцијацијата на метална и електроиндустрија (МАМЕИ), денеска започна во Скопје.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред присутните рече дека важноста на индустрискиот сектор е причината што државата во 2018 година ја усвои Индустриската стратегија, која се фокусира на преработувачката индустрија, бидејќи таа е од клучно значење за зголемување на растот, продуктивноста, високо квалитетните работни места, иновациите, извозот, циркуларната економија.

„Присуството на овој настан е показател дека металната и електро индустријата во државата има што да им понуди на извозните пазари. За прв пат годинава на саемот присуствуваат и компании добавувачи од Косово, Албанија, Србија и Црна Гора, што покажува дека компаниите од целиот регион растат во значење и атрактивност“, потенцираше министерот, додавајќи дека како релативно мали економии, клучно е на поголемите пазари да се настапува партнерски, како регион, за да се оствари поголем успех, бидејќи станува збор за пазарен систем во кој конкуренцијата е главен економски двигател на сите нивоа.

Претседателката на МАМЕИ, Марта Наумовска Грнарова рече дека како асоцијација пет години вложуваат во промоција на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија.

„Нашата мисија е да ги поврземе домашните производители од оваа индустрија со странски компании купувачи, да им го олесниме излезот на светските пазари. Резултатот од минатогодишната конференција се потпишани договори од околу половина милион евра. Сметаме дека ова е одлична бројка особено ако се земе предвид дека станување добавувач на странска компанија е долгорочен процес. Минатата година беа реализирани 400 претходно закажани состаноци во еден ден, оваа година ќе ја надминеме оваа бројка, сметам дека тоа е уште една потврда колку овој настан и е потребен на македонската индустрија“ , додаде Наумовска Грнарова.

На настанот учествуваат преку 100 компании производители, 33 компании купувачи и 15 директни странски инвестиции. Покрај домашните компании, учествуваат и претставници на компании од Германија, Холандија, Јапонија, Грција, Словенија, Србија, Албанија и од Косово.

Саемот е во организација и на делегацијата на германското стопанство во Македонија, но со поддршка и на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД и Холандската амбасада.