Архивска фотографија од Aleksei Zaitcev на Unsplash

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ја предупреди Русија дека инвазијата на Украина ќе доведе до загуба на животи од размерите на советско-авганистанската војна, јавува Гардијан.

Говорејќи на Институтот Лови во Австралија, министерката Трас го повика Владимир Путин да се откаже и да се повлече од Украина пред да направи голема стратешка грешка. Во своето излагање, таа го врами конфликтот во Украина како дел од еден поширок глобален спор помеѓу либералните држави наспроти автократиите, како Русија и Кина.

Лиз Трас рече дека охрабрените автократии се обидуваат да извезат диктатура низ светот, додавајќи дека режими како оние во Белорусија, Мјанмар или Северна Кореја ги наоѓаат своите најблиски сојузници во Москва и Пекинг.

Во меѓувреме, САД вчера објавија информации дека руското разузнавање регрутира сегашни и поранешни функционери во украинската влада за да ја преземат украинската влада и да соработуваат со руските окупациски сили, објави Гардијан. Американските власти воведоа санкции за двајца украински пратеници и двајца поранешни официјални лица, кои биле инволвирани во заговорот, кој вклучува дискредитација на актуелната влада на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Би-би-си објави дека американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во Женева ќе одржат итни разговори во врска со актуелната состојба во Украина.

Русија има испратено околу 100.000 војници на границата со Украина, но негира дека планира истите да ги искористи за инвазија на западниот сосед. Од друга страна, Гардијан пренесува информации од белоруски локални медиуми за стационирање на руски и белоруски војници во градот Јелск и на други локации во близина на белоруско-украинската граница во пресрет на планираните заеднички воени вежби на Русија и Белорусија што ќе се одржат наредниот месец.

Русија во 2014 година го анектираше Кримскиот полуостров од Украина, по што започна долготрајниот воен конфликт во источните делови од земјава, во којшто досега загинаа 14.000 лица и предизвикаа над 2 милиони лица да ги напуштат своите домови првенствено во регионите Доњецк, Луганск и полуостровот Крим.