Жителите на Дојран денеска на референдум ќе се изјаснат дали се согласуваат или се против рудникот Казандол да продолжи со работа.
Дојранчани ќе се изјаснуваат по две прашања, дали се за или против стопирање на работата на рудникот Казандол и дали се за или против отворање на други рудници на територијата на нивната општина.
Право на глас имаат 2.747 граѓани кои можат да гласаат на осум избирачки места. За да биде успешен референдумот, треба да излезат 50 отсто плус еден од граѓаните со право на глас, односно најмалку 1.374 гласачи.
Референдумот ќе го набљудува невладината организација „Цивил“.
„Граѓанките и граѓаните ќе можат да пријавуваат нерегуларности на телефонските броеви: 078 746 138 и 075 389 698 и на веб-страницата „Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности“, преку порака на фејсбук-страницата „Слободни избори“ или преку апликацијата „Пријава на политички притисоци, мобинг и дискриминација“, се вели во нивното соопштение.
Дојран е трета општина од Југоисточна Македонија која преку референдум се изјаснува за прашањето на рудниците. Претходно успешни референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци, каде што жителите се изјаснија против отворање на рудници.
На 20 август референдум ќе се одржи и во Валандово, а потписи за распишување референдум беа собрани и од граѓаните на општините Босилово и Ново Село.