На патиштата 505 несреќи се случиле за помалку од 3 години заради животни, експертите бараат мерки

By WikiPedant - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=45248553

Несреќата со мечката што пред неколку дена загина на автопатот Скопје – Тетово повторно го актуализира прашањето колку се небезбедни јавните патишта за животните и за возачите. Земајќи предвид дека во период од 2019, 2020 и 2021 според информациите на МВР се случиле 505 сообраќајни несреќи кои биле предизвикани од животни, експертите препорачуваат изградба на биокоридори и обновување на евиденцијата за бројот на заштитени животни.

Воедно, професорот од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје Мишо Христовски, кој исто така е и вештак при вакви несреќи, вели дека сумата која Македонија ја плаќа за надоместок на штета предизвикана од диви животни изнесува од 2 до 3 милиони евра годишно.

Според професорот, покрај климатските промени, причина за миграција на животните кон урбани средини е сечата на шумите како и урбанизацијата на предели кои се живеалишта на дивите животни. Но, тој посочи и дека големиот број на несреќи предизвикани од диви животни се должи и на зголемениот број на популацијата на животни кои се заштитени со закон.

Изградба на зелени премини – биокоридори над патиштата за безбедно движење на животните

„Пред 10-15 години беше констатирано дека бројот на мечки кои се заштитени со закон е намален како последица на ловокрадството. Но, сега бројот на мечки и бројот на чакали кои воедно се и агресивни животни што нанесуваат голема штета е зголемен. Затоа Министерството за животна средина треба да ги ревидира овие податоци за да се испланира дали и каде е потребно да се предвиди плански отстрел. Но, исто така за да се заштитат животните а и учесниците во сообраќајот при изградба на патишта, по примерот на Хрватска, треба да се градат и биокоридори преку кои животните безбедно можат да се движат“, рече Христовски.

Изградба на вакви премини ,кои за животните овозможуваат да можат безбедно да се движат на места каде се градат патишта, препорачуваат и од Македонското еколошко друштво (МЕД).

„Градењето нова инфраструктура, која навлегува во природните предели, неизбежно ќе предизвика нарушување на воспоставените рути на движење (миграција) кај животните, а понекогаш и на самите живеалишта. Оттука, особено е важно при планирањето нови патишта и друг тип инфраструктура во неурбанизираните подрачја предвид да се земе локалниот жив свет, неговото распространување и влијанијата што врз него ќе ги имаат градежните зафати и новите градби. Во контекст на сообраќајните незгоди, при изградбата на патишта потребно е на ум да се имаат т.н. биокоридори, односно природните појаси кои овозможуваат поврзаност помеѓу подрачјата, низ кои животните мигрираат и се распространуваат. Ова подразбира изградба на зелени премини (мостови) онаму каде постои расцепкување на подрачјето поради патна инфраструктура, со цел да се зачуваат природно воспоставените рути на движење. Овие премини се градат преку патот што го „сече“ подрачјето, и претставуваат надземни мостови – најчесто со вегетација која природно ги поврзува двете страни, или, пак, може да бидат подземни премини. На тој начин животните нема да се принудени да преминуваат патишта, и така ќе се зачува безбедноста на возачите, а истовремено се намалуваат загубите на животински единки“ препорачуваат од МЕД.

За сега безбедноста на патиштата е регулирана со Законот за јавни патишта со кој е предвидено да се поставува заштитна ограда на надворешниот раб на патниот појас за да се спречи неконтролирано движење на луѓе и диви животни на коловозот.

Во Северна Македонија надлежноста за патиштата е во рацете на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Од таму велат дека при изградба на автопатишта и експресни патишта, резервирани исклучиво за моторен сообраќај се поставува заштитната оградна мрежа за спречување на навлегување на диви животни во патниот појас.

„За жал, многу често заштитната мрежа и челичната заштитна ограда се уништува заради обезбедување диви премини или се краде и покрај сите наши апели. Оваа појава се повторува континуирано“, изјавија од ЈПДП.

Од таму, за Мета појаснија и дека проектот за автопатот Скопје-Тетово е стар проект и затоа нема класичен биокоридор, но објектите на автопатот како мостови, вијадукти, пропусти, тунели и сл, воедно служат и како премини за животни, т.е животните ги користат како премини поради оградата на другиот дел од автопатот.

„Во иднина во новите проекти, каде што ќе се утврди потреба ЈПДП ќе поставува биокоридори согласно со резултатите од спроведен мониторинг на движење на крупен дивеч“ најавија од ЈПДП.

Неопходна е ревизија на популацијата на диви животни за поставување точна сигнализација на патиштата

Според професорот Христовски и Македонското еколошко друштво уште една причина за големиот број на сообраќајни несреќи предизвикани од животни е и недостатокот на соодветна вертикална сигнализација на патиштата, односно сообраќајни знаци.

Христовски нагласи дека ревидирањето на точната евиденција на бројот и видот на дивите животни е неопходна и тесно поврзана и со лоцирањето на критичните точки каде што има можност животно да ја загрози безбедноста во сообраќајот.

„Ако знаеме дека на одредено место има зголемен број на мечки, тогаш точно ќе знаеме каде треба да се постави сообраќаен знак кој ќе ги предупреди возачите да ја намалат брзината“, рече професорот.

Според МЕД патиштата се неселективни, тие претставуваат закана за секое животно што се движи на поголема територија, а загубата и на една критично загрозена единка, како што е балканскиот рис, со помалку од 50 возрасни единки во светот, е огромна загуба за биодиверзитетот.

„Ваков случај беше евидентиран во 2018 година на магистралниот пат Кичево-Охрид. Затоа како дополнителни мерки на претпазливост и прилагодената брзина и сообраќајна сигнализација во подрачјето со зачестено присуство на диви видови. Ова важи и за местата каде се среќава добиток“, порачаа од МЕД.

Потребно е забрзување на изградбата на прифатниот центар за диви животни

Според МЕД, а и професорот Христовски уште еден особено важен аспект, кој задира и во прашањето со последиците од сообраќајните несреќи е убрзувањето на процедурата за изградбата на прифатниот центар за диви животни.

Овој центар каде би се згрижувале и лекувале повредените диви животни е тема што веќе дваесеттина години наизменично се покренува во Македонија, а последните осум години станува сè поактуелна. Овој центар треба да биде за згрижување на автохтони единки, кои поради повреда, меѓудругото и од сообраќајна несреќа, или загуба на родителите не можат да се грижат за себе до одредена возраст.

„Загубата дури и на една единка од загрозен вид претставува загуба за целокупниот биодиверзитет на земјата, станува јасно зошто е потребен ваков центар. Оттука, прифатниот центар првенствено треба да се фокусира на загрозени и критично загрозени видови, како балкански рис, египетски мршојадец, белоглав мршојадец и други видови. За остварување на една ваква установа, потребен е стручен тим од ветеринари и биолози, но пред сè подготвеност од државните институции“, сметаат од МЕД.

Професорот Христовски, кој е вклучен во подготовките на овој проект, додаде дека во прифатниот центар за диви животни покрај тоа што ќе се лекуваат животните, и ќе се води грижа за зачувување на автохтоните видови дивеч, ќе се згрижуваат и животни кои ќе бидат запленети од ловокрадци или животни кои ќе бидат запленети при откривање на нелегален шверц како што е случајот со лавчето Симба за кое сè уште нема информација каде се наоѓа.

„Да беше изграден до сега овој центар ќе имавме можност да го згрижиме и лавот кој овие денови е тема во медиумите. Тоа диво животно не би смеело никако да биде пуштено да живее само во природа на територија на Македонија. Ама, ние ќе можевме да овозможиме да има соодветна грижа“ заклучи Христовски.