На парламентарните избори во Бугарија победува „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков и Асен Василев

Парламентот на Бугарија и кабинетот на претседателот на Бугарија (десно), во строгиот центар на Софија, Фото: Мета.мк, 17 јуни 2021

Третите парламентарни избори во Бугарија годинава и втори вонредни, донесоа големо изненадување на политичката сцена – победник, по сè изгледа, ќе стане партијата „Продолжуваме со промената“ на поранешните технички министри Кирил Петков и Асен Василев . Веднаш зад оваа партијата е партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, која до последен миг беше сметана за иден победник, пишува бугарски „Медиапул“.

Повикувајќи се на пребројувањето од страна на агенциите, „Медиапул“ прогнозира дека со изненадувањето на парламентарните избори, сепак останува неразрешена дилемата дали ќе се формира политичка влада.

Изненадувачки за овие избори е и тоа што во парламентот изгледа ќе влезе проруската националистичка формација „В’зраждане“ (Преродба) на Костадин Костадинов, нарекуван „Копејкин“.

Во Бугарија вчера се одржаа и претседателски избори, на кои, според најновите резултати, убедливо победува сегашниот претседател Румен Радев. Според пребројани 42,85 отсто од гласовите, тој освоил 49,45 отсто од вкупните гласови, а поддржаниот од ГЕРБ, Анастас Герџикови, 21,93 отсто. На трето место е претседателот на ДПС, Мустафа Карадај со 12,75 отсто, а Костадин Костадинов 4,99 отсто. На петтото место е судијата Лозан Панов, поддржан од „Демократска Бугарија“, кој освои 3,45 отсто.

Панов инаку, минатата седмица беше и во Скопје, од каде упати прилично умирувачка порака во поглед на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија во случај да го освои претседателскиот мандат.

Што се однесува до односите со Северна Македонија, и Кирил Петков, еден од водачите на моментално најголемата политичка сила во Бугарија, „Продолжуваме со промената“, вчера посочи дека е за добрососедство и дека највисок приоритет на МНР во рамките на идната бугарска влада предводена од неговата партија било изнаоѓање решение со Скопје.

Синоќа, откако беа објавени првите неофицијални резултати, Петков, на прашање од Бугарската национална телевизија (БНТ) рече дека за решавање на спорот на двете земји треба да се направат комисии што ќе имаат за преговарачи не само историчари, туку и бизнисмени, луѓе од културата и образованието.

„Да, имаме категоричен став што треба да се направи. Треба веднаш да направиме работни групи од двете земји, и Бугарија, и Македонија, кои ќе вклучуваат историчари, но ќе вклучуваат и луѓе од бизнисот, од културата, од образованието, и да почнеме да разговараме, не само за историја, туку да разговараме за сѐ што може да постигнеме ако имаме добрососедски односи. Крајно време е да сфатиме дека не е нормално за да стигнам до Скопје да летам преку Виена, не е нормално да немаме железничка линија која ќе нѐ поврзува, не е нормално на бугарскиот бизнис да му е полесно да продава во Австралија, отколку во Македонија. Истото важи и за нашите колеги во Македонија. Ние треба да почнеме да зборуваме за сите нешта за кои може да имаме полза од добрососедските односи. Треба да ги направиме тие работни групи, тие да имаат јасни цели и ангажман за средба, на пример, еднаш месечно. Така што, да не се зборува само за ‘пред шест месеци’ и ‘да се фрла камен во соседното село’, ако може така да се изразам, туку реално да имаме работни групи. Ние треба да си ги заштитиме нашите национални интереси, тие треба да си ги заштитат нивните, но со заеднички услов – дека и двете земји може многу да постигнеме од добрососедските односи”, изјави Петков.

Според резулатите од Централната изборна комисија со над 60 отсто пребројани гласови, партијата „Продолжуваме со промената“ води убедливо на парламентарните избори, со 25,26 отсто, наспроти коалицијата ГЕРБ-СДС, со 22,17 отсто од гласовите. На третото место е „турската“ партија ДПС со 14,2 отсто, а тоа, според „Медиапул“ се должи во голем дел на резултатите од изборите во странство, односно во Труција, како и ниската излезност во Бугарија.

Засега на четврто место е „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, што избиваше на чело и на претходните избори, но се откажуваше од формирање влада од старт или по неуспех да го стори тоа.

Традиционално силната Бугарска социјалистичка партија (БСП) е на петтото место, а во идниот парламент најверојатно ќе влезе проруската националистичка формација „В’зраждане“ (Преродба) на Костадин Костадинов, нарекуван „Копејкин“, со 5,19 отсто од досега пребројаните гласови, заклучува „Медиапул“.