Неколку илјади охриѓани и гости од балканските земји, ја дочекаа новата 2015 година на отворено, на -10 Целзиусови степени, на плоштадот Свети Климент Охридски.
Со песна и со загреана ракија од околните кафулиња, веселбата траеше до длабоко во ноќта и заврши со впечатлив огномет над Охридско Езеро.
Присутните на плоштадот се забавуваа со изведувачот на народна музика, охриѓанецот Петар Нечовски, групата „Камелеон“ и со Владо Јаневски.
На славениците им се обрати и Новата година им ја честиташе градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Неколку илјади гости од Србија, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Романија, Косово, Грција и од други земји, во голем број го исполнија Охрид за дочекот на Нова година.
Денеска, во градот температурата ја надмина нулата, што е причина да заживеат до вчера пустите шеталишта, старата чаршија и кафулињата.
В.М.