Притворениот полицаец бил малтретиран и измачуван од своите колеги при полициската акција во Куманово, информираше денеска народниот правобранител Иџет Мемети, кој обелодени дека во акцијата, меѓу приведените од групата терористи, имало и полицаец кого колегите при носење во затвор го малтретирале.

„Имаме сознанија дека над еден приведен е сторено кривично дело мачење. Се работи за државјанин на Република Македонија, кој бил вработен во полиција, а е од Куманово. Дојдовме до сознанија дека лицето било лошо третирано и малтретирано откако е донесено решението за мерка притвор. При носењето од судот кон затворот за издржување мерка притвор, имаме доволно докази дека бил малтретиран од припадници на полицијата, кои за нас се непознати, но за органот се познати затоа што се знае точно кои биле полицајците што го добиле решението и налогот да го однесат за издржување на мерката притвор“, вели Мемети.

Народниот правобранител, откако дознал за измачувањата, отворил две постапки, една постапка е по барање на сопругата и на мајката на притворено лице и една постапка за сите други, затоа што се работи за поголема група кои се приведени.