На младите им треба психолошка поддршка, која нема да трае само 15 минути

Фото: Мета.мк

Менталното здравје е грижа за себе, грижа за градење на сопствените капацитети. Она што недостасува е младите да имаат пристап до бесплатна психолошка поддршка која им е потребна, во рамки на секоја здравствена установa, зашто така услугата ќе им биде подостапна. Тие немаат финансии да го покријат тоа и им треба разговор кој ќе трае повеќе од 15 минути и им треба поинаков пристап. Ова го истакна Радмила Живановиќ, претседателката на управниот одбор на Фондацијата „Метаморфозис“, психолог и психотеравпевт, на дебатата која вчера попладне се одржа на платото пред вила Водно во организација на првата дама, Елизабета Ѓорѓиевска. Во панел дискусијата насловена како „Младите и менталното здравје“, зборуваа експерти а во истата учествуваа средношколци и студенти. Меѓу младите, на едно од столчињата седна и претседателот Стево Пендаровски кој заедно со нив ги следеше излагањата на панелистите.

„Ова е Генерација Зед, која ги има најголемите аманети од претходните генерации и тежини на она што го носи иднината. „Метаморфозис“ утврди дека оваа генерација има голема потреба да биде информирана за работите што се случуваат. Затоа, „Метаморфозис“ преку кратките видеа, преку емисијата „Шорткат“, успева да отвори прашања кои поттикнуваат поголема одговорност на младите за сето она што се случува околу нив“, истакна Живановиќ.

Според неа, младите се свесни за нивните потреби, но во исто време и не знаат како да ја најдат потребната поддршка.

„Мора да го истакнам моментот на губење на доверба во возрасниот свет. Тие не наоѓаат поддршка што би можела да ги валоризиза нивните капацитети. Ние треба да се фокусираме на она како можеме ние подобро прво да ги прашаме, да бидеме овде за нив и како да им обезбедиме средина која ќе им овозможи тие да бидат она што сакаат да бидат. Има млади кои многу слободно бараат психолошка поддршка. Она што недостасува е пристапот до бесплатна психолошка поддршка. Тие немаат финансии да го покријат тоа, а им се потребни повеќе од 15 минути, како и поинаков пристап“, рече Живановиќ.

Првата дама, Ѓорѓиевска, нагласи дека менталното здравје треба да е наш колективен приоритет.

„За да им помогнеме на младите во справувањето со предизвиците и да ги превенираме, мора да работиме на подигнување на свеста за менталното здравје кај младите. Сите ние сме одговорни да градиме ментално здрава заедница преку промоција на менталното здравје во училиштата и еднаков пристап до здравствените услуги за сите лица“, рече првата дама, Ѓорѓиевска.

Во дебатата учествуваше и министерот за здравство Беким Сали кој кажа дека е многу важно навреме да се препознаат и стручно да се третираат проблемите за менталното здравје, со акцент на младите, на кои им се случува психофизички развој.

„Предвидено е да имаме центри за развој на менталното здравје, согласно препораките на СЗО. Неодамна е отворен ваков Центар во Кочани, а во тек се подготовки за основање на ист центар во Кичево, Битола и во Штип. Овие центри се наменети за млади лица. Пандемијата ни покажа дека грижата за менталното здравје е важна исто колку и грижата за физичкото здравје“, рече Сали.

Професорката од Филозофскиот факултет Софија Георгиевска претстави истражување на кое работела, а кое се однесува токму на оваа тема.

„Повеќе од 60 отсто нема кој да ги сослуша и да ги праша ‘Како си?’. Младите имаат чувство дека не се сослушани. Цели 83 отсто од младите сметаат дека депресијата и анксионзоста се клучни работи со кои се сочуваат младите денеска. Ова треба да е аларм дека навистина треба да направиме нешто. Имаме потреба од отворање на студентски сервиси за млади кои ќе работат на зајакнување на менталното здравје“, рече професорката.

Таа потенцира дека 27 отсто од младите се доживуваат себеси позитивно, а оние на возраст од 15 до 19 години не знаат каде да се обратат за помош.

Директорот на Клиниката за психијатрија д-р Стојан Бајрактаров истакна дека клучно кај младите се очекувањата од самите себеси кои си ги наметнуваат.

„Ова е многу позрела генерација од генерациите во минатото. Имаат појасни ставови, знаат што да очекуваат од себе, од институциите, од општеството и тоа тие го бараат. Нашите студентски организации се фантастични и јас сум изненаден како тие тоа знаат да го пренесат и објаснат“, рече Бајрактаров.

Во своето излагање комуникологот Бојан Кордалов рече дека за разлика од порано, кога генерациите требало да купуваат искуство, денеска од многу порана возраст се очекува тие да се вклучат во процесите на одлучување, зашто имаат што да кажат.

„Ние возрасните денеска не комуницираме со младите како со зрели личности, туку како со тодлери. Ако сме реални, младите одат на многу секции, на многу школи, работат на неколку проекти, работат онлајн, одат на Еразмус програми. Можностите за нив се огромни, а ние не им даваме повеќе шанси споредено со времето кога ние бевме средношколци и студенти. А тие и те како можат сето тоа да го менаџираат“, истакна Кордалов.

 

Пишува: Антонија Поповска