На минусни температури продолжија студентските протести во Турција

Протести во Турција
Студенти и академци пред кампусот на универзитетот / фото: Твитер

Студентските протести против назначувањето на ректор на еден од престижните универзитети во Турција, кој беше избран и одобрен од страна на државата, неочекувано придонесоа дел од разочараната и невработена младина на Турција да излезе на улица и да ги исфрли бесот и фрустрациите кон владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Демонстрациите на студентите и академската заедница на Универзитетот „Богазичи“ започнаа минатиот месец, откако за ректор на универзитетот беше назначен Мелих Булу. Оваа одлука беше опишана како политичка и недемократска, затоа што Булу се смета за човек на власта. Тој, меѓу другото, беше кандидат за учество во парламентарните избори во 2015 година од страна на владејачката Партија на правдата и развојот, на чие чело стои претседателот Ердоган, соопшти турската новинска агенција Бианет.

Студентите и вработените на универзитетот бараат академска слобода и можност тие сами да го изберат својот ректор.

Во знак на солидарност со студентите, илјадници млади луѓе изминативе недели излегоа на протести во Истанбул и Анкара, кои набргу ескалираа со интервенција на полицијата со солзавец и гумени куршуми.

Ердоган издаде декрет за отворање на два нови факултета на универзитетот, на што платформата „Солидарност“ од универзитетот реагираше упатувајќи отворено писмо до претседателот. Една студентка беше приведена поради наводно администрирање на Твитер профилот на платформата, под обвинение дека провоцирала омраза и непријателство и поради поттикнување на извршување злосторства преку упатеното писмо и постовите на Твитер.

Студеното време со минусни температури и обилните снежни врнежи ни изминатите два дена не ги спречија студентите и академците пред универзитетскиот кампус повторно да го искажат своето незадоволство против назначениот ректор.

„Нашата борба ќе продолжи сè додека не заминат сите луѓе од доверба на власта, првенствено Мелих Булу. Ние ќе ги шириме нашите праведни барања преку секој канал“, порачале студентите.

Тие во изјавата го повториле и барањето за ослободување на деветмината студенти кои беа уапсени за време на протестите на универзитетот.

И вработените на Босфорскиот универзитет претходно реагираа на одлуката за избор на новиот ректор, посочувајќи дека „ова е првпат после државниот удар во 1980 година академик надвор од универзитетот да биде назначен за ректор“.

Денес се одбележува 45 ден од протестите на истанбулскиот универзитет. Својата поддршка кон студентите ја упатија и повеќе од 250 познати турски музичари, пренесе турски „Ахвал“.

Професорот Мелих Булу беше назначен за ректор со Претседателски декрет објавен на 1 јануари годинава. Неговото назначување предизвика остри критики и кај студентите и меѓу академската фела, а протестите започнаа на 4 јануари.

Платформата „Солидарност“ соопшти дека досега биле приведени најмалку 560 студенти, 25 биле осудени на домашен притвор, а десетмина биле уапсени. Двајца од уапсените студенти подоцна беа ослободени.

Турскиот претседател ги оспори нивните акции, оценувајќи ги како терористички.

„Дали вие сте студенти или терористи кои сакаат да го блокираат ректорот“, им се обрати Ергодан на демонстрантите преку медиумите.

Новоназначениот ректор, пак, порача дека студентите и професорите имаат право на слободно изразување, но дека тој нема да се повлече од функцијата.