На Машинскиот факултет во Скопје се отвори првата „Фабрика за учење“

фото: Машински факултет - Скопје

Во просториите на Машинскиот факултет при УКИМ минатата недела се одржа работилница на тема „Подготвеност на малите и средни претпријатија (МСП) за Индустрија 4.0 и Паметна Специјализација“, чиј домаќин и организатор беше Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО).

Од Машинскиот факултет во Скопје информираа дека главната цел на овој проект е оформување на првата „Фабрика за учење“ во земјава, по примерот на голем број европски земји кои веќе неколку години наназад го практикуваат овој концепт на образование, тренинг и истражување. Фабриката се фокусира на технологиите на Индустрија 4.0 и производната филозофија „Lean“.

Во моментов, лабораторијата се состои од рачна и паметна „Poka Yoke“ станица за монтажа без грешки, а наскоро се очекува целата „Фабрика за учење“ да биде комплетирана со транспортер, камера за 2Д машинска визија, робот и складиште.

„Целта на ваквата поставеност е да се симулира реална производна линија, а притоа преку низа на експерименти со опремата да се решаваат проблеми од областа на индустриско инженерство и менаџмент, поточно Lean менаџмент, планирање и управување на производството, системи за мерење на учинокот, моделирање и симулација на деловните процеси, системи за менаџмент на квалитетот и слично“, велат од Машинскиот факултет – Скопје.

Идејата на Фабриката е истата да расте и да стане препознатлив центар за дигитализација во земјава. Од Машинскиот факултет ги повикуваат сите заинтересирани компании кои сакаат да го насочат развојот на нивните бизниси и вработени во насока на дигитална трансформација преку технологиите на Индустрија 4.0 и оптимизација на производството потпомогната од „Lean“, да се приклучат на проектот.

Покрај претставувањето на „Фабриката за учење“, на работилницата беа одржани низа тренинзи, а беа презентирани и целите од научно –истражувачкиот проект „DigiTS-ME“, кој е дел од соработката на Машинскиот факултет со Техничкиот универзитет во Виена, финансиран од македонското Министерство за образование и наука и OAED.