fbpx

На „Криволак“ претставена британската донација за брза обука на Армијата

-

Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон и министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска на полигонот „Криволак“ присуствуваа на примопредавањето на британска донација, што вклучува 14 мобилни единици, за обука за припадниците на Армијата во урбана средина.

„Промоција на британска донација од 14 комплексни мобилни единици, кои ќе служат за обука на припадниците на нашата, македонска Армија, но се разбира и на сојузничките сили. Вкупната вредност на овој проект е 400 илјади фунти, што е значаен придонес во тоа што значи доопремување и развој на армискиот полигон Криволак“, изјави министерката Петровска.

Таа додаде дека изминатиов период сите ние имавме можности да го видиме „Криволак“ во различни изданија, односно при спроведување на различни видови вежбовни активности, меѓу кои најголемата што се одржа досега „Свифт риспонс”, што е уште еден доказ и показател дека секоја инвестиција во овој полигон вреди.

„Ми претставува чест што денеска со нас е Сер Стјуарт Пич, како и амбасадорот Лосон, коишто лично се уверија и видоа дека оваа донација навистина ќе биде од голема полза за развој на нашите капацитети“, нагласи Петровска.

Таа истакна дека Обединетото Кралство останува наш значаен партнер и клучен сојузник, при што земјава, а особено Армијата, секогаш може да смета на нивната поддршка, не само како донација, туку и преку зголемување на капацитетите и развој на човечките капацитети во армиските редови.

„Заедно сме посилни, не е само флоскула, тоа е уште еден доказ дека НАТО придобивките за Република Северна Македонија се сè повеќе видливи“, рече Петровска.

Сер Стјуарт Пич, од своја страна, порача дека ова е уште еден доказ за билатералната соработка и билатералното партнерство што постои помеѓу Северна Македонија и Обединетото кралство.

„Особено во овие моменти кога имаме војна на континентот, ова е уште еден доказ дека ние сме тука заедно да настапуваме во поглед на одбраната, во поглед на одвраќањето и во поглед на воспоставувањето на нашиот сојуз во рамките на одвраќањето од агресијата на Русија. Да истакнам дека НАТО е одбранбен сојуз на 30 суверени земји и нашата задача е всушност да претставуваме одбранбена алијанса и уште еден доказ е нашето присуство тука. Тука ќе ја поддржам министерката во нејзината изјава кога кажа дека заедно сме посилни, не е само флоскула, туку е едноставно начинот на којшто ние функционираме и начинот на којшто ние ќе се одбраниме од оваа агресија“, нагласи Пич.

Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан денеска имаше средба и со претседателот Стево Пендаровски.

Тие на средбата разговараа за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, за состојбите во регионот, како и за влијанието на руската инвазија врз Украина по стабилноста и безбедноста на европскиот континент.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија придава особено значење на развојот на билатералните односи со Обединетото Кралство и има постојан интерес за зајакнување на соработката меѓу двете држави во повеќе сфери од заемен интерес.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за најновата британска донација, оценувајќи ја како уште една потврда на силното сојузништво на двете држави – членки на НАТО алијансата.

На средбата беа разменети мислења и во врска со почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...