Фото: Министерство за одбрана

На Армискиот полигон Криволак АРМ денеска почнува да ги уништува артилериските гранати од Првата светска војна кои неодамна беа откриени при градежни работи во Битола. Гранатите, вкупно 12.700, ќе бидат уништувани во неколку етапи во текот на декември и јануари, а нивното уништување нема да предизвика штетни ефекти по животната средина, тврди Министерството за одбрана.

Инаку, АРМ во 2002 и на почетокот на 2003 година на Криволак ги уништи сите свои противпешадиски мини, како една од првите земји-членки на Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиските мини.

Уништувањето на гранатите нема да предизвика значителна промена во квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак, тврди Министерството за одбрана, кое од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот Гоце Делчев од Штип побарало прелиминарна проценка на емисиите на суспендирани честички од детонирање на експлозии. Анализата ја предводел проф. д-р. Дејан Мираковски.

„На барање на ДЗС, Министерството за одбрана се согласи да асистира и пронајдените 12.700 парчиња бомби од Првата светска војна да бидат уништени на полигонот Криволак. Уништувањето ќе се врши постапно во 4 термини овој месец (на 15, 18, 22 и 23 декември) и уште неколку термини во јануари 2021 година. Имајќи ја предвид дневната динамика на планот за постепено уништување на бомбите и количината која ќе се уништува во фугаси (дупки за уништување на гранатите), анализата покажа дека емисијата на цврсти честички ќе биде помала од емисијата која се добива од согорување на 60 метри квадратни дрва, количина која во една грејна сезона се користи за загревање на десетина домаќинства, и нема да има штетно влијание на пошироката околина на Полигонот“, соопшти Министерството за одбрана.

При детонација на еден тон ТНТ се ослободуваат 93 килограми суспендирани цврсти честички. АРМ дневно ќе уништува од 1.900 до 2.000 гранати со експлозивно полнење од по 0,5 kg или вкупно околу 1.050 kg експлозив (заедно со иницијаторското полнење), што резултира со очекувана емисија на околу 98 kg суспендирани цврсти честички. За споредба, согорувањето на околу 10 m3 огревно дрво во класични ложишта, резултира со вкупна емисија на околу 100 kg суспендирани цврсти честички, што е количина на огревно дрво која се согорува на дневно ниво, во населба не поголема од стотина куќи кои се загреваат со овој енергенс.

Следствено, вкупната емисија на суспендирани цврсти честички од процесот на уништување на сите експлозивни средства во текот на наредните два месеци (околу 586 kg), е нешто помала од емисијата која се добива од согорување на 60 m3 дрва, количина која во една грејна сезона се користи за загревање на не повеќе од десетина домаќинства.

„Од тука, а имајќи го во предвид временскиот распоред на активностите кои се изведуваат на растојание од неколку дена до неколку недели (во зависност од временските услови), како и локацијата на уништување која е значително оддалечена  од населени места или јавни површини, слободно може да се констатира дека значителна промена на квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак, а како резултат на планираните активности, не би требало да се очекува“, нагласува Министерството за одбрана, кое додава дека за сите активности на Криволак се води по Елаборатот за заштита на животната средина на Полигонот.

Од ноември 2002 до февруари 2003 година Македонија на Криволак ги уништи сите свои 38.871 противпешадиски мини, како една од првите земји кои ја потпишаа, ратификуваа и спроведоа Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиските мини. Тогаш, мините беа разделени на составни делови, детонаторите беа уништени во 23 фугасни јами кај напуштеното село Мушенци, металните тела на мините беа стопени, а инженериските единици на Армијата ги зедоа експлозивните полнења за да ги користат во инженериски минирања.