На КОП 27 формиран фонд, богатите земји ќе им плаќаат на сиромашните за штетите од климатските промени

Извор на фотографија: UNFCCC, Kiara Worth

Историски договор беше постигнат на меѓународната климатска конференција на Обединетите нации (КОП 27) што се одржа во Египет. Би-би-си пишува дека завршува тридеценискиот период на чекање од сиромашните земји во светот, кои се соочуваат со огромни климатски влијанија како последица на зголемување на емисиите на стакленички гасови во светот.

На КОП 27 е постигнат историски договор, преку кој богатите земји ќе им платат на посиромашните за штетите и економските загуби што биле предизвикани од климатските промени, преку формирањето на т.н. фонд за загуби и штети. Сепак, земјите во развој останаа незадоволни во делот на напредокот во намалувањето на употребата на фосилни горива.

„Јасна посветеност за постепено укинување на сите фосилни горива? Не во овој текст“, искоментира Алок Шарма од Обединетото Кралство, кој беше претседател на претходниот самит на КОП 26 во Глазгов.

Овогодинешните разговори во Шарм ел Шеик, Египет, беа блиску до колапс до самиот крај на самитот.

Би-би-си пишува за слаб, топол аплауз што го исполнил историскиот момент кога беше договорен „фондот за загуби и штети“ во раните утрински часови во неделата во Египет. Развиените земји долго време се спротивставуваа на фондот што ги покрива штетите од климатските влијанија, како што се: поплави и суша.

Разорните поплави во загрозената земја Пакистан ова лето, во кои загинаа околу 1.700 луѓе со проценета штета од 40 милијарди долари, беа моќна позадина на овој самит на КОП 26.

Во неделата, министерот за животна средина на Антигва и Барбуда, Молвин Џозеф, и претседавач со Алијансата на малите островски држави, рече дека постигнатиот договор е „победа за целиот свет“.

Сепак, нациите и групите, вклучувајќи ги Велика Британија, ЕУ и Нов Зеланд, го напуштија Египет незадоволни со компромисите за фосилните горива и ограничувањето на климатските промени.

„Неверојатно сум разочаран што не можевме да одиме понатаму“, изјави водечкиот преговарач во Велика Британија, Алок Шарма за новинарите по завршувањето на разговорите.

Земјите кои се бореа да ја ослабат амбицијата за брзо намалување на емисиите на стакленички гасови што ја загреваат планетата, треба „во очи“ да ги погледнат ризичните нации, рече тој.

Конечниот сеопфатен договор на КОП 27 не вклучува заложби за намалување на употребата на фосилни горива. Тој, исто така, вклучуваше двосмислен нов јазик за „енергијата со ниски емисии“, што експертите велат дека може да ја отвори вратата за некои фосилни горива да се сметаат за дел од иднината на зелената енергија.

Но, земјите во развој како Индија или оние кои се потпираат на нафта и гас, се враќаат назад кон ваквите определби, затоа што сакаат да ги искористат нивните резерви. Како што отчукуваше часовникот на КОП 27, се чинеше дека побогатите нации попуштаа, и покрај интервенцијата на Швајцарија во последен момент.

Поради сето ова, токму договорот за формирање на фондот за загуби и штета за посиромашните земји може да биде најзначајниот развој по Парискиот климатски договор.

Сега развиените земји се обврзаа на плаќања, иако деталите остануваат да се разработат.

Тоа ја завршува конференцијата обележана со ќор-сокак, и испрекината со драматични моменти, вклучувајќи го и првото појавување на новоизбраниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва на глобалната сцена по неговата неодамнешна изборна победа.

Говорејќи пред воодушевените толпи, тој на КОП 27 изјави дека Бразил се враќа на климатската сцена, ветувајќи дека ќе стави крај на уништувањето на шумите и ќе го обнови шумскиот фонд на огромното пространство околу реката Амазон.

Тоа даде инјекција на надеж за која многу активисти и набљудувачи на разговорите за климата велат дека недостасува на самитите на ОН.

Би-би-си пишува дека покрај големите шатори каде нациите, експертите и невладините организации ги поставија своите штандови на КОП 27, првиот детски и младински павилјон на оваа конференција зрачел со енергија, надеж и фрустрација.

Во меѓувреме, пишува Би-би-си, на маргините на КОП 27, како еден од конкретните успеси на самитот беше прославен договорот со кој се ветува дека ќе ѝ се платат 20 милијарди долари на Индонезија за да се оддалечи од употребата на јагленот.