На изложбата „Каде реката текла, пак ќе тече“, документирано уништувањето на реките со малите хидроцентрали

Фото: Мета.мк

Фотографии и видео есеи, кои се дел од изложбата „Каде реката текла, пак ќе тече“, се сведоците на големото уништување на десетици речни корита во недопрена природа со изградбата на мали хидроцентрали. На изложбата, која е организирана од „Еко свест“ во соработка со КСП Центар- Јадро, може да се видат дела на тројца автори, Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков, на кои се претставени последиците од изградбата на енергетски објекти во заштитените подрачја.

Фокусот на „Каде реката текла, пак ќе тече“ е изградбата на малите хидроцентрали на територијата на Македонија кои оставаат непоправливи последици по животната средина и природата, до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски животински и растителни видови.

Фото: Мета.мк

Како што истакна Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“ на отворањето на изложбата, малите хидроцентрали се градат во недопрена природа и зад очите на јавноста, без јавни консултации и без студии за оцена на влијанието врз животната средина.

„Штетата врз реките и прирдата не смее да остане невидлива. Покрај нас, како граѓански организации или покрај институциите, одговорност да се грижат за заштитата на реките имаат и уметниците и културните работници. Тие имаат моќ да говорат на оваа тема и заедно со нас да работат на ширење на пораката и зголемување на свесноста за проблемот за уништувањето на реките,“ вели Митревски.

Фото: Мета.мк

Во моментов, на дивите и недопрени реки низ земјава се изградени 98 мали хидроцентрали, a се планира изградба на уште најмалку 50 нови. Поголем дел од нив се градат во некои од најатрактивните речни долини во строго заштитени и значајни подрачја како што се Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф и многу други.

Уметниците преку фотографија и видео се осврнуваат на штетите врз природата кои ги предизвикува изградбата на малите хидроцентрали – изградба на бариери кои го фрагментираат речното корито, оневозможување на слободното движење и миграција на рибите и останатите акватични видови, канализирање на водата во цевки и оставање суви речните корита, менување на геоморфологија на теренот, сечење на шумите заради изградба на пристапни патишта и фрагментирање на шумските живеалишта, ерозија на теренот, загадување на водните текови заради акумулирање на седименти во речните корита и многу други штети врз природата, реките и екосистемите.

„При нашите посети на локациите каде што има мали хидроцентрали, освен што можевме да ја документираме фактичката состојба на терен, имавме можност да зборуваме и со мештаните. Конкретно во Брајчино, еден од жителите ни раскажа дека откако е изградена малата хидроцентрала во реката веќе не гледаат риби“, рече уметникот Влатко Деков.

Изложбата „Каде реката текла, пак ќе тече“ ќе биде отворена до 28 февруари.