На изборите во САД следната година, вештачката интелигенција може да ги замени „велешаните“

Сега софистицирани алатки со вештачка интелигенција може да создадат клонирани човечки гласови и хипер-реалистични фотографии, видеа и аудио материјали за неколку секунди и за минимален, речиси незабележлив трошок

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Вештачката интелигенција со разни алатки набргу ќе може да креира купишта лажни содржини – фотографии, звучни записи и видеа – и да се обиде да ги замаја и излаже гласачите и дури и да влијае на исходот на избори, пишува меѓународната новинска агенција „Асошиејтид Прес“ во обемна анализа.

Со тоа, на претседателските избори во САД следната година би можело да се повтори сценариото од 2016 година, кога многу „фарми на тролови“ во кои учествуваа и стотици сајтови со дезинформации и политички продорни текстови раководени од многу млади луѓе од земјава, пред сè од Велес и Куманово, успеаја да го поместат тасот и да му овозможат победа на Доналд Трамп на претседателските избори.

Агенцијата потсетува на алармот што долги години го активираа компјутерски инженери и политички аналитичари, дека вештачката интелигенција наскоро ќе дозволи секој да создаде лажна фотографија, видео или звучен запис што ќе биде доволно реалистичен да ги залаже гласачите и да влијае на резултатот на изборите. Досега ваквите синтетизирани творби беа груби, неубедливи и прескапи за создавање, посебно во ситуација кога другите видови на ширење дезинформации и полуинформации беа евтини и лесно можеа да се пласираат на социјалните медиуми.

Но, повеќе не е така и „дипфејкот“ ќе влезе на широка врата, предупредува Асошиејтид Прес.

Сега софистицирани алатки со вештачка интелигенција може да создадат клонирани човечки гласови и хипер-реалистични фотографии, видеа и аудио материјали за неколку секунди и за минимален, речиси незабележлив трошок. Кога ќе се стават во моќен алгоритам за распространување по социјалните мрежи, ваквите содржини ќе може да се шират бргу и меѓу внимателно избрани групи публика, а со тоа, потенцијално правејќи ги изборните кампањи уште повалкани.

Тоа посебно загрижува во очекување на кампањите и изборите во САД во 2024 година. Генеративната вештачка интелигенција (ВИ) може не само многу бргу да создаде е-писма, текстови или видеа испратени на избрани групи, туку може да измамува гласачи, да имитира кандидати и да врши разорно влијание на изборите со брзина што досега била незамислива.

„Не сме подготвени за такво нешто. За мене големиот исчекор напред се аудио и видео капацитетите што се појавија. Кога ќе може да се прави тоа во голем обем и да се дистрибуира на социјалните платформи, тогаш ќе видиме големо влијание“, за Асошиејтид Прес вели А. Џ. Неш, потпретседател за прибирање податоци во „ЗироФокс“, компанија за кибербезбедност.

Можните сценарија за САД во кои генерирачка ВИ ќе се злоупотребува за збунување на гласачите, оцрнување на кандидати или дури и провоцирање насилства, се неколку:

Автоматизирани, роботички аудиопораки преку телефон со гласот на кандидатот, коишто им даваат насоки на избирачите да одат на гласање на погрешен датум; аудио запис од кандидат како наводно признава дека извршил кривично дело или изразува расистички ставови; видео од некој како држи говор или дава интервју што е целосно исконструирано, односно воопшто не било дадено. Лажни принтскринови што треба да изгледаат како легитимни новинарски статии, во кои лажно се наведува дека некој кандидат се повлекол од кампањата.

Агенцијата потсетува и дека Доналд Трамп, кој се бори за кандидатура за претседателските избори во 2024, споделил со своите симпатизери на неговата платформа Трут Соушел (Truth Social) во петокот преправено видео со водителот од Си-ен-ен, Андерсон Купер, во кое е преработена реакцијата на Купер во гостувањето на Трамп на Си-ен-ен, првото по 2016 година. Реакцијата на Купер е изменета со ВИ алатка за клонирање говор.

Асошиејтид Прес потсетува и на вештачки генерирано видео од Бајден како наводно држи говор во кој ги напаѓа трансродовите лица, на наводна снимка од апсење на Трамп – иако тој не беше уапсен кога се појави во Кривичниот суд на Менхетен да одговара за фалсификување деловни книги.

Во Претставничкиот дом веќе е поднесен за разгледување предлог-закон од Ивет Кларк, демократска конгресменка од Њујорк, со кој се бара јасно да се означуваат кампањските содржини креирани со ВИ. Кларк претходно поддржа закон со кој се бара секој што креирал синтетичка слика со ВИ да стави воден жиг што јасно става до знаење дека станува збор за креација, а не реалност.