фото: ФБ на Венко Филипче

Обезбедени се вкупно 1.732 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19, од кои 157 единици се собрани преку аферезна процедура, а останатите единици конвалесцентна плазма, обезбедени се преку стандардно дарување. Со крвна плазма досега се третирани 1.431 ковид пациент, соопштуваат од Институтот за трансфузиона медицина.

„Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со корона-вирусот. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19“, посочуваат од Институтот.

Објаснуваат дека, лицето-дарител на конвалесцентна плазма, треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19 и да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на својот фејсбук објави заедничка фотографија со лица кои дарувале ковалесцентна плазма.

„Овие хумани луѓе се само мал дел од дарителите на ковалесцентна плазма, кои со својата несебичност спасуваа човечки животи во пандемијата. Чест ми е што денеска имав можност да се сретнам со неколкумина од нив и лично да им изразам почит за нивната хуманост“, напиша Филипче.