На Клиниката за инфективни болести во моментов од морбили се лечат вкупно 20 пациенти. Од пред два дена, примени се шест нови заразени пациенти, од кои пет се деца на возраст од девет месеци до две и пол години, како и една девојка на возраст од 24 години. На инфективната клиника има посебни оддели за овие пациенти.

Докторите прогнозираат дека бројот на заболени допрва ќе расте.

Од Министерството за здравство, за „Мета“ информираат дека до крајот на неделава, Комисијата за заразни болести ќе донесе конечна одлука дали ќе се пролонгира распустот.

Министерот Венко Филипче изјави дека се размислува за можноста, со теренска вакцинација, да бидат вакцинирани со МРП вакцина сите невакцинирани ученици на првиот ден од почетокот на второто полугодие.

– Процентот на невакцинирани деца е голем кај децата кои одат во градинка. Нешто подобар е процентот на школски деца. Сепак, на состанок со епидемиолозите ја дискутиравме оваа можност, ако продолжи епидемијата, опција да биде теренската вакцинација на првиот училиштен ден – рече Филипче.

Здравствените власти препорачуваат, сите кои имаат клиничка слика за морбили (откако тоа ќе го утврдат матичните педијатри), да одат на Клиниката за инфективни болести, а не на Клиниката за детски болести.
Епилог во врска со случајот со залепени погрешни декларации на вакцините, се очекува до крајот на неделава.

Во моментов, Агенцијата за лекови „Малмед“ прави увид во вакциналните пунктови во кои имаше вакцини со погрешни декларации. Филипче уверуваше дека грешката е техничка и дека сепак вакцините се исправни, квалитетни и безбедни за користење.

Откако беше прогласена епидемија пред 11 дена, досега со МРП се вакцинирани околу 1.900 деца.