fbpx

На Идомени 10.000 бегалци чекаат да влезат во Македонија

-

Повеќе од 10.000 бегалци во неизвесност чекаат во кампот Идомени да бидат пропуштени од Грција во Македонија. Бројката секојдневно се зголемува за 1.000 до 2.000 бегалци. Затворената порта од македонска страна не ги обесхрабрува бегалците, кои во огромни бројки секојдневно пристигаат на грчките острови, а оттаму заминуваат за Атина и потоа кон Идомени.

Условите во бегалскиот камп од ден на ден се сè поочајни. Зголемената бројка на луѓе ги намалува резервите на храна и на лекови. Во километарски редици бегалците секојдневно чекаат пред штандовите за храна, за својот дневен сендвич. Голем број од нив вчера почнале да тропаат и да молат кај локалното население во Идомени да им помогне со малку храна и со дрва за огрев. Целиот камп е исполнет со мали шатори, семејства, мали деца, постари и помлади кои нетрпеливо погледнуваат кон македонската страна на оградата, во надеж дека ќе се изменат условите и ќе може набргу да го продолжат својот пат кон некоја од побогатите европски држави. Бегалците продолжуваат секојдневно да инсистираат македонската полиција да ја отвори вратата и да им дозволи да си заминат од Грција.

По инцидентите во понеделникот и од грчка и од македонска страна се засилени полициските и воените сили, за да се избегнат нови проблеми. Меѓутоа стравувањата се дека колку подолго е затворена границата за бегалците, толку поочајна ќе станува ситуацијата, со можност одново да ескалира во физичка пресметка. Бегалците имаат и нов „пријател“ во неудобното чекање на правливата земја кај Идомени, а тоа е упорниот звук на македонскиот хеликоптер, кој од вчера непрекинато кружи и ја набљудува ситуацијата во кампот.

Покрај илјадниците на Идомени, на грчките острови има околу 6.000 бегалци кои чекаат да заминат за Атина, а на пристаништето Пиреја чекаат повеќе од 3.000 луѓе. Штом дојдат во Атина, чекаат да бидат пренесени во некој од мигрантските центри во земјата во близина на Атина или Солун или, пак, самоиницијативно се организираат да стигнат до Идомени и таму да чекаат да поминат на македонска страна.

Весникот „Катимерини“ пренесува дека Министерството за поморство издало наредба 48 часа да се запре издавањето билети за бегалци за бродовите, за да може подобро да се контролира бројката на бегалци што од островите одат кон Атина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...