На идните лекари им се „испразнија џебовите“, бараат поголема помош од надлежните

Фото: Photo by Luis Melendez on Unsplash

Да се биде студент по медицина на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје значи да се трошат големи суми, особено ако сте студент кој доаѓа од другите градови на РСМ. Месечните трошоци достигнуваат повеќе илјадници денари, вклучувајќи ги високите цени за образование, сместување, патување, храна и други потреби. И покрај помошта од државата, студентите бараат повеќе олеснувања бидејќи, според нив, досегашните мерки не се доволни, пишува Порталб.мк.

Студентите по медицина при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ со кои разговараше Порталб.мк се жалат дека не можат да ги покријат студентските трошоци.

Паузирав една година поради високите трошоци

Да беа книгите бесплатни, студентката во четврта година од селото Отла во општина Куманово, немаше да ги прекине студиите и да паузира една година поради високите трошоци.

„Книгите ги фотокопираме, а практикумите чинат 500 денари, атласите мора да ги купиме. Јас живеам во село и патот до Скопје за еден месец ме чини повеќе од 10.000 денари, а јас како студент не можам да си го дозволам, иако превозот за нас студентите во Скопје е бесплатен“, рече студентката.

Трошам над 12 илјади денари месечно 

Над 12 илјади денари изнесуваат трошоците на една студентка од Гевгелија, која живее во Скопје.

„Живеам во Скопје и сме три другарки во една соба и плаќаме 130 евра за кирија и сметки. Што се однесува до храната неделно трошам 2.000-2.500 денари, плус субвенционираниот оброк за студентите од Министерството за образование, но ако излеземе за викенд понекогаш ми требаат 1.000 денари. За литература трошоците се над 4.000 денари, а јас повеќето од книгите ги имам оригинални. Познавам студенти кои трошат и повеќе од мене и мислам дека треба да има повеќе попусти за студенти во различни категории“, вели студентката од втора година од Гевгелија.

Скапите книги, еден од главните фактори за трошоците

Еден студент од втора година од Струга вели дека месечните трошоци достигнуваат и до плафон и дека студентскиот стандард во РСМ e многу низок.

„За еден семестар јас плаќам 6.000 денари, плус 750 денари плаќам за културни и спортски активности, а за киријата на станот трошам околу 250 евра заедно со трошоците за струја и вода. Трошоците за превоз Струга-Скопје-Струга изнесуваат 900 денари неделно, вкупно 3.600 денари месечно ако патувам секој викенд, а мислам дека секој студент треба да има бесплатен превоз од дома, не само низ Скопје. Околу 2.500 или 3.500 денари неделно за храна и други работи. Потрошив 3.000 денари за литература во првиот семестар за фотокопирани книги, а не за оригинални книги“, рече студентот од Струга.

Тој потенцира дека книгите треба да бидат по пониски цени, или бесплатни бидејќи да се учи со фотокопирани книги е проблем затоа што тие воопшто не се квалитетни и немаат чисти слики.

Една студентка од четврта година од Арачиново како еден од главните фактори кои им удираат по џебот ги нагласи цените на книгите.

„Иако сум во државна квота за еден семестар плаќам 6.000 денари, а има случаи кога заостануваме по некои предмети од минатата година, тогаш треба да платам 200 денари за еден кредит. Книгите ме чинат поскапо, иако во повеќето случаи ги фотокопираме, за фотокопирање на книга со 600 страници плаќаме од 1.200 – 1.400 денари, а атласот чини 6.000 денари и него мораме да го купиме, ова за мене како студент по медицината се навистина големи трошоци, а да не ги множиме со 6-7 години до крајот на студиите“, рече студентката.

Студентското собрание при УКИМ: непотребно високата цена на книгите создава пречки

Порталб.мк разговараше и со Александар Николовски, претседателот на Студентското собрание на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Тој вели дека во ситуација кога образованието треба да биде максимално достапно за сите, непотребно високите трошоци за книги создаваат пречки, бидејќи повеќето студенти доаѓаат од семејства со просечни или потпросечни примања.

„Проблемот со високите цени на книгите бара систематски пристап и координирани напори на универзитетот, студентите и државата. Потребно е да се создадат услови кои ќе им овозможат на сите студенти да учат и да напредуваат без финансиски препреки. Предложеното решение преку создавање на централизирана универзитетска библиотека како главна алатка за обезбедување пристап до книги и други материјали за учење може да има долгорочни позитивни ефекти за студентите на УКИМ“, рече Николовски.

Тој нагласи дека зголемувањето на библиотекарскиот фонд со нови изданија на најкористените книги и можноста за подолгорочно позајмување ќе им даде можност на студентите без дополнителни трошоци да ја обезбедат потребната литература. Според Николовски модернизацијата на библиотеката со повеќе е-книги и дигитален пристап ќе ги зголеми и нејзините капацитети и нејзината ефикасност, а организирањето настани за размена на користени книги ќе промовира солидарност и ќе им овозможи на студентите да добијат книги по ниска цена или бесплатно.

Од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје не одговорија на новинарските прашања во оврска со овие поплаки на студентите. ФПО бара јавното образование во РСМ да биде бесплатно А од Форумот за промени во образованието (ФПО) нагласуваат дека јавното образование во Северна Македонија е многу скапо и дека студентите плаќаат не само со пари, туку и со своето здравје и благосостојба.

„Ние како ФНА постојано баравме јавното образование во Македонија да биде бесплатно. За да се види еден позитивен пример како треба да се направи тоа, нема потреба да се оди многу далеку, доволно е да разгледа образовниот систем на Косово, каде студентите на државните универзитети не плаќаат ниту цент за семестар. Бесплатното образование е суштинско за да се обезбедат еднакви можности за сите млади луѓе, без разлика на нивното социјално и економско потекло“, велат од Форумот за промени во образованието.

МОН: Високото образование не е задолжително

Од Министерството за образование и наука велат дека во Северна Македонија според Уставот и законските одредби високото образование не е задолжително, но потенцираат дека младите се стимулираат со стипендирање по различни категории.

„Министерството за образование и наука е посветено да стимулира што е можно поголем број на млади луѓе за да се одлучат за академско напредување и да им го олеснат студискиот процес преку доделување на повеќе стипендии по разни категории, право на субвенциониран оброк за студентите, покривајќи 50% од уплатата за сместување во студентски домови. Во изминатиот период се реализираше проект за набавка на над 1.000 наслови стручна литература – книги и текстови дистрибуирани во високообразовните институции и достапни за студентите во универзитетските библиотеки“, соопштија од Министерството за образование и наука.

Потсетуваме дека во септември Meта.мк направи една анализа на трошоците на студентите за зимскиот семестар на државните универзитети. Студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје од оваа академска година се соочуваат со зголемени дополнителни трошоци поради зголемувањето на партиципацијата, односно зголемување на трошоците за студирање.