Фото: ri на Pixabay

Околу 1.000 домаќинства од скопските населби Хиподром 1 и 2 ќе се поврзат на градското парно. Топловодната мрежа на АД ЕСМ, подружница „Енергетика“ се продолжува во овие делови на Скопје, информираат од владината прес-служба. Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски извршија увид во неколку проекти што се реализираат во оваа скопска општина.

„Станува збор за инвестиција вредна околу 600 илјади евра која ќе се реализира во следните две до три години. Со ова проширување на топловодната мрежа во Гази Баба се очекува голем бенефит за граѓаните како што се намалување на потрошувачката на струја за домаќинствата приклучени на системот, стабилно и современо загревање на домовите, како и намалување на причинителите на аерозагадувањето. Ќе се создадат предуслови и за дополнително проширување на секундарната топловодна мрежа, како и можности за нови приклучоци и поголем опфат на домаќинства во иднина“, изјави премиерот Заев.

Инаку, на градското парно со кое управува АД ЕСМ, подружница „Енергетика“ во моментов се приклучени над 3.700 домаќинства, деловни субјекти, градинки и училишта во Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром. Нивната дистрибутивна топловодна мрежа во 2019 година изнесувала 38 километри и со години наназад не беше проширена.

АД ЕСМ, подружница „Енергетика“ минатото лето отпочна со изработка на три проекти за реконструкција, проширување и изградба на топловодната мрежа во Автокоманда и Железара. Од компанијата на почетокот на тековната грејна сезона најавија дека годинава ќе се инвестира во нови приклучоци и греење за поширокото подрачје во скопските населби Железара и Хиподром.