Нема доволно познавање на Дигиталната агенда во Северна Македонија и уште помала е запознаеноста со достапните е-услуги кои ги нудат институтциите за граѓаните. Како сведоци на глобалната Ковид-19 пандемија, можеме да забележиме дека пристапување кон дигитална трансформација е повеќе од потребен чекор за подобро функционирање на едно општество и можеме да увидиме како владите низ светот, вклучително владите од Запден Балкан, поттикнати од пандемијата, пристапија кон креирање на нови или подобрување на постоечките дигитални алатки и е-услуги.

Ова е Генералниот заклучок од Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија кој Фондација Метаморфозис го изработи во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” финансиски поддржан од Европската Унија.

На сесијата „Локализирање на Дигиталната агенда на Западен Балкан” нa 16-то издание од конференцијата e-society под наслов “Вклученост и ефективност – Доброто владеење и интернетот”, која ќе се одржи на 25 номеври ќе се говори за постоечките е-услуги и мерките кои се превземени за зголемување на нивниот број и употреба во Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Србија.

Преку излагањата на говорниците ќе се нагласи важноста на доброто владеење и улогата на Дигиталната агенда во унапредувањето на демократијата и омоќувањето на граѓаните. Ќе се даде акцент на тековните процеси и напори потребни за создавање на вистински услови за унапредување на дигиталните мрежи и услуги за тие да ги дадат посакуваните резултати.

Повеќе информации за конференцијата и регистрацијата се достапни на следниот линк: https://e- society.mk/

Инаку, Дигиталната агенда е иницијатива развиена од Европската Унија, која исто така е проширена и усвоена за 6 држави од Западен Балкан. Целта на оваа иницијатива е да обезбеди граѓаните во регионот целосно да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација.

Со самото посветување на Дигиталната агенда ќе се овозможи граѓаните да ги имаат потребните вештини за да одговараат на барањата на новата економија и ќе се овозможи модернизирање на јавните администрации, зајакнување на компјутерската безбедност, зголемување на поврзаноста, и подобрување на деловната клима.

„Конференцијата eSociety е организирана од Фондацијата Метаморфозис во синергија со проектите „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ и „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ со финансиска поддршка на Европската Унија. Ставовите изразени за време на конференцијата не ги одразуваат ставовите на Европската Унија “.