Вчера на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) започна дванаесеттото изданиен на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ (СКЕЕОР).

СКЕООР е платформа која овозможува поширока дискусија за сегашните и идните трендови воразвојот на енергетски ефикасни системи и која силно придонесува со предлагање иновативни решенија за одржлив развој кој не е само потреба за идните генерации, туку и одговорност на нашата генерација, рече во своето обраќање до присутните, деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.

„Сите ние – како истражувачи, инженери и професионалци – имаме обврска да пронајдеме начини за балансирање на технолошкиот развој, заштита на животната средина и оптимизација на ресурсите, а со тоа директно да влијаеме врз економијата, околината и квалитетот на нашиот живот“, истакна Атанасовски.

Деканот на ФЕИТ посочи дека ова издание на СКЕЕОР ќе се фокусира на најжешките теми во доменот на енергетската транзиција, односно на обновливите извори на енергија и нивната интеграција, на електричните возила и енергетски ефикасен транспорт, важноста на циркуларната економија и управувањето со отпад и вештачката интелигенција, која отвора нови хоризонти во однос на управување со енергијата.

„На конференции како СКЕЕОР, студентите имаат уникатна можност да ја доживеат интердисциплинарноста на дело, запознавајќи се со различни перспективи и пристапи кон темите што ги интересираат. Ваквите настани овозможуваат проширување на знаењето, развивање на критичко размислување, мрежа на професионални контакти, практична примена на теоријата, мотивација и инспирација“, рече деканот Атанасовски.

Според ректорката на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ), проф. д-р Биљана Ангелова, значењето на оваа конференција е во тоа што им дава можност на младите да ги претстават своите истражувања, идеи и решенија во областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој, а воедно и да ги продлабочат своите знаења.

„Самата конференција претставува мост меѓу професионалците и студентите, кои работат заедно во наоѓање решенија за одржлив развој и подобра иднина. Ова е единствена можност да се соберат заедно студентите, нивните професори, експертите и успешните компании кои се професионалци во оваа проблематика“, рече проф. д-р Ангелова.

Според неа, во изминативе 12 години СКЕЕОР се развива постојано, со над 1.500 учесници, со изработени и презентирани над 300 студентски трудови и претставени повеќе од 50 македонски компании од областа на инженерството и енергетиката.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска нагласи дека СКЕЕОР 2024 претставува еден од значајните столбови на развојот на идните млади инженери и експерти во нашата земја.

„Во светот кој се повеќе се соочува со предизвици на климатските промени, енергетската транзиција и потребата од постигнување одржлив развој, конференции како СКЕЕОР, сѐ од витално значење. Го цениме фактот што токму овие значајни прашања и проблеми се препознаени од младите и стануваат нивен интерес, приоритет на работа и решавање. Со оваа конференција младите инженери добиваат шанса да ги претстават своите идеи, истражувања и иновации и да научат од искусните професионалци. СКЕЕОР можеби е почеток на патот кон креирање решенија кои ќе го трансформираат нашиот енергетски сектор во насока на поголема енергетска ефикасност и одржливост“, рече министерката  Божиновска.

Претседателката на СКЕЕОР, Емилија Зумрова, појасни дека оваа конференција претставува спојување на знаењето, иновациите и визиите за иднината.

„Конференцијата е од исклучително значење за академската и научната заедница и за поширокото општество. Се наоѓаме во средина кога проблемите во енергетиката и животната средина треба да бидат од големо значење. Потребата за одржливи решенија станува се поважна, а нашата улога како млади луѓе и инженери во акција е да пронајдеме пат кон поодржлива иднина“, рече Зумрова.

Во текот на своето постоење, СКЕЕОР од иницијатива на група студенти на ФЕИТ прерасна во традиционална и престижна конференција, прва од ваков вид во Македонија. Формирана во 2013 година, нејзината цел беше да поттикне интерес за енергетска ефикасност и одржлив развој меѓу студентите и професионалците, како и размена на знаења меѓу академската и деловната заедница. Со прераснување во меѓународна конференција од 2016 година, СКЕЕОР вклучува учесници од странство и има научен одбор со членови од 12 земји.

Конференцијата ќе трае до петок, 1 ноември.