Европскиот ден на правдата се одбележува на 25 октомври, со цел да го приближи пристапот до правда на граѓаните, да ги информира за нивните права и да ја промовира работата на Советот на Европа и Европската комисија на ова поле. Оваа година овој ден се одбележува во услови на пандемијата на ковид-19 и пред почетокот на преговорите на нашата земја за членство во Европската Унија. Министерот за правда Бојан Маричиќ и Хелсиншкиот комитет за човекови права упатија свои пораки по повод Европскиот ден на правдата.

Во своето видео обраќање, Маричиќ истакна дека за да ја направат правдата подостапна за граѓаните, наскоро ќе воведат огромно намалување на максималната судска такса, која во земјава досега изнесувала 48.000 денари. Сега таа ќе се намали за осум пати и ќе изнесува најмногу 6.000 денари, со што судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени и правдата ќе стане подостапна за нив, изјави тој.

Министерот за правда вели дека Европскиот ден на правдата досега се одбележувал во земјава со отворени судници и канцеларии за да ги доближат граѓаните до
правдата и да ги запознаат со тоа како функционира правосудниот систем. Тој посочи дека државата на граѓаните им го дава правото на бесплатна правна помош и ги информира за нивните права.

„Преку Бесплатната правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе добијат адвокат и фер судење, но и право да добијат информација или совет за одредено прашање од правна природа“, вели министерот Бојан Маричиќ.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права пак, по повод Европскиот ден на правдата, информираат дека од почетокот на пандемијата на ковид-19 околу 500 граѓани добиле правна помош од нив за прашања од областа на работни односи и пристап до вработување, семејно и родово базирано насилство, семејни односи, социјална заштита, дискриминација и говор на омраза и дела од омраза.

„Сепак, обврската за ефикасен и ефективен пристап до правда примарно се наоѓа кај државата. Република Северна Македонија има обврска да им обезбеди на сите граѓани непречен и еднаков пристап до соодветни, независни и непристрасни судски и вонсудски механизми“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Тие нагласуваат дека стапката на сиромашни лица во земјава, според последните податоци од 2018 година, изнесувала 21,9 отсто. Од Хелсиншки велат дека обезбедувањето пристап до правда за сиромашните останува главен предизвик за нашето општество.

„Во таа линија, подобрениот текст на Законот за бесплатна правна помош од 2019 година вклучува поширок опсег на граѓани, кои ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош. Затоа Комитетот ќе продолжи континуирано да го мониторира процесот на примената на новиот Закон и на системот за бесплатна правна помош во целина“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Инаку, Агенцијата за фундаментални права по повод Европскиот ден на правдата ги повика ЕУ и земјите-членки да ја зајакнат заштитата на жртвите преку интернет. Пандемијата на ковид-19 и рестриктивните мерки што произлегоа од неа неминовно доведоа до ограничување на правата и сериозни економски последици, но и до зголемена опасност во дигиталниот свет, како што се: говорот на омразата, измамата на Интернет преку злоупотреба на личните податоци и малтретирањето во дигиталната сфера.