fbpx

На Движењето „Беса“ „им избега“ кучето што го врзаа кај Општина Тетово пред четири години

Денес кога оваа општина веќе година и пол се управува од кадри на оваа партија, проблемот со кучињата-скитници останува нерешен

-

Кучињата продолжуваат да скитаат по Тетово. Таму беа и кога со градот раководеше градоначалничката Теута Арифи во два мандати, но можат лесно да се најдат и денес кога на чело на градот веќе година и пол е Билал Касами, чија партија кога беше во опозиција, преку една акција симболично врза едно куче пред општината, барајќи решение за проблемот. Опозиционерите што го врзаа кучето дојдоа на власт, меѓутоа граѓаните продолжуваат да се соочуваат секојдневно со опасноста од кучињата, кои сè уште скитаат во чопори и ги напаѓаат луѓето, пишува Порталб.мк.

Вчера граѓанин објави видео, во кое се гледа како чопор на кучиња-скитници напаѓаат жена на улица, која вреска и се обидува да избега, паѓа, но за среќа успева да се спаси, бидејќи на помош и излегуваат околните жители.

Ваквите глетки се чести и за ова најдобро покажуваат пријавените случаи во Секторот за внатрешни работи во Тетово (СВР) за каснувањата од кучињата-скитници.

Според податоците од СВР Тетово, во 2021 година во Тетово вкупно имало 66 пријавени случаи, а во 2022 вкупно 59 случаи. Додека само оваа година од 1 јануари до 3 мај има 40 пријавени случаи за каснувања од кучињата-скитници. Меѓутоа, бројките се многу повисоки, бидејќи не сите граѓани пријавуваат во СВР кога се нападнати или каснати од кучињата.

Општина Тетово имаше договор со здружението „Амос Пет“ за третман на кучињата скитници. Но, овој проект завршил и досега преку него се третирани 82 кучиња и истите се отстранети од градот. Меѓутоа, бројот на кучиња, според здружението „Амос Пет“ кое се занимаваше со нивниот третман до пред неколку дена, е близу 500.

Младината на Движењето Беса во 2019 година, додека беа во опозиција во Општина Тетово бараа решение за овој проблем од тогашното раководство, дури и преку врзување едно куче пред општината и преку одржување на прес-конференција.

„Во отсуство на соодветни простории, овие кучиња цело време скитаат по улици, главно по градските кружни текови… Од овој проблем најмногу се загрозени учениците на основните и средните училишта кои рано наутро тргнуваат за на училиште… Бараме од Општина Тетово да изготви еден долгорочен план за решавање на овој проблем“, изјавија од Движењето Беса.

Но денес, кога оваа општина веќе година и пол се управува од кадри на оваа партија, проблемот останува нерешен.

Во моментот во Тетово никој не се занимава со третманот на кучињата-скитници. Ова го потврди минатата недела и претседателот на Советот на општина Тетово, Бесар Дурмиши.

На прашањето од Порталб.мк што прават за решавање на овој проблем, претседателот на Советот на Тетово, Бесар Дурмиши вели дека чекорите што се презедоа со здружението што се занимаваше со овој проблем дадоа ефект, но не е задоволителен. Според него, имало неколку добри ефекти, но немало целосно решавање на проблемот со кучињата-скитници.

„Продолжува да биде проблем што со години го засега градот но и другите градови на национално ниво. Сме разговарале и со органите во централната власт, многу брзо ќе бидат преземени мерките каде што ќе бидете известени и вие. На почеток имаше една иницијатива со едно здружение од другите држави каде што требаше да обезбедиме една просторија за да се занимаваат со третман на овие кучиња, но за жал тие си заминаа иако од наша страна имаше волја и им ги понудивме сите можности. Ќе продолжиме со соработка со централната власт и ќе ги донесеме заклучоците и ќе излеземе пред медиумите“, рече Дурмиши.

На почетокот на годината, Општина Тетово истакна дека ќе се обидат да го решат проблемот со кучињата-скитници во текот на оваа година, меѓутоа според нив ова сепак е недоволно да се реши на локално ниво, бидејќи како што велат потребно е решение на национално ниво.

За решавање на овој проблем, Општина Тетово во буџетот за 2023 година одвоила 3 милиони денари.

Инаку, Општина Тетово изработила и Правилник за одредување на начинот на исплата и компензација за нанесените штети од каснувањата од кучињата скитници. Граѓаните кои се нападнати, ранети или каснати од кучињата-скитници ќе имаат можност за оштета од 30 илјади до 100 илјади денари. Износот зависи од тоа колку ќе одреди Комисијата за обесштетување од каснување од кучињата-скитници. Правилникот и барањето можете да го најдете кликнувајќи ТУКА.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...