На Џо Бајден му е дијагностицирана агресивна форма на рак на простата

Ракот се проширил до коските, но лекарите велат дека е хормонски чувствителен и може да се третира, јавува Си-Ен-Ен

Фото: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , Викимедија комонс

На поранешниот претседател на САД, Џо Бајден (82), му е дијагностицирана „агресивна форма“ на рак на простата, соопшти неговиот личен кабинет во неделата. Болеста, како што се наведува, се проширила и на коските.

„Минатата недела, претседателот Бајден беше подложен на испитувања поради новооткриен нодул на простатата и зголемени уринарни симптоми. Во петокот му беше дијагностициран рак на простата, со Глисон скор 9 (група 5) и метастази во коските,“ стои во соопштението.

Сепак, според лекарите, ракот е чувствителен на хормонска терапија, што овозможува ефективно менаџирање.

Бајден и неговото семејство во моментов ги разгледуваат можностите за третман со тимот лекари, се додава во изјавата. Веста доаѓа само неколку дена откако портпаролот на Бајден соопшти дека кај него бил откриен „мал нодул“ на простатата при редовна здравствена контрола.

„Ракот на простата е мошне чест. Со возраста, кај повеќето мажи се јавуваат канцерогени клетки“, изјави д-р Џамин Брамбат, уролог и хирург кој не е вклучен во третманот на Бајден.

Според д-р Бенџамин Дејвис, професор по уролошка онкологија на Универзитетот во Питсбург, Глисон скор од 9 значи „најагресивна форма на рак на простата“.

Бајден го минува викендот во својот дом во Вилмингтон, Делавер. Засега не е познато во која здравствена установа се врши третманот.