По повод 33 години од осамостојувањето, на Денот на независноста 8 Септември, премиерот Христијан Мицкоски одржа говор на денешната свеченост во кој повика на заедништво и борба против разочарувањето и корупцијата.
Мицкоски наведе десет принципи, околу кои тој смета дека треба да има „заедништво и сплотеност на сите фактори и општествени чинители“: Правда и правна држава, стоп за партизацијата, мораториум на етнички произведени теми зад кои стои личен интерес, подобрување на стандардот, праведно општество, напредок во образованието, членство во ЕУ, борба против иселувањето, обединетост и верба, како што рече, во идеолошки битки односно заедничкиот патриотизам. Оваа платформа Мицкоски ја нарече Македонска платформа за делување, платформа за иднината и наредното доба.
Како што рече премиерот, потребно е да се оградиме од етнички конфликти, да ги изолираме елементите кои создаваат меѓуетничко неединство. Тој побара мораториум на етнички произведени теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци.
„Мора да се стави крај на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат за сметка на колективниот“, рече Мицкоски.
Според него, постои општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.
„Немаме друга алтернатива ниту пак постои друга реална шанса. Не смееме да отстапиме од европскиот пат“, рече Мицкоски, но ддодаде дека „мора да се знае горкото чувство дека предолго чекаме на вратите на Унијата“. Според Мицкоски, „секој македонски граѓанин има грутка во грлото од премногу отстапки и штетни договори. Не сум спремен за отстапка по секоја цена“.
Последниот принцип за Мицкоски е вербата „во идеолошки битки“, посочувајќи дека неговата е „заедничкиот патриотизам кој треба да нè обедини“.
„Тој не е ништо друго туку заедничко верување и заедничка борба за иднина. Тој треба да не обедини сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати под македонското сонце“, посочи премиерот.
Во неговиот говор, Мицкоски се наврати на времето на распадот на Југославија во 90-те години од минатиот век и генерацијата на македонски политичари кои ја истуркаа независноста на државата.
„Во моментите кога другите народи беа вовлечени во крвави конфликти, таа генерација ја избра мудорста наместо насилството, компромисот наместо конфликтот. Благодарение на нивната решителност, но пред се со мудроста на народот и нивната верба се зачува мирот“, рече премиерот без да спомене за кои точно членови на таа генерација политичари зборува.
Надоврзувајќи се на тоа, Мицкоски посочи дека денеска „сме испарвени пред нова борба, еднакво значајна како создавањето на татковината“ и дека после децениските разочарувања битката треба да продолжи.
„Тогаш битката беше како ќе се исправиме на нозе. Денес битката е како ќе направиме големи чекори напред“, рече премиерот.
Според него, како нација имаме две големи цели: Првата да го победиме разочарувањето од поразите, а втората „да го сузбиеме криминалот и корупцијата метастазирана во сите делови од општеството“.
Мицкоски се пофали дека новата влада решила големи проблеми, како што е издавањето нови пасоши, лични карти и возачки дозволи со името Република Северна Македонија според Преспанскиот договор, но и обезбедувањето учебници за сите ученици, што не било случај со претходнат власт.
Како што рече тој, корупцијата е како отров кој го слабее нашето општество, правејќи да се изгуби неповратно надежта за подобро утре.
„Корупцијата не е само проблем на владата, туку проблем на целото општество а јас би додал и безбедносен проблем“, посочи Мицкоски.
Тој не пропушти да каже дека во изминатите 33 години сме се соочиле со „многу предавства од страна на неодговорни политички лидери кои ги продавале нашите национални интереси“.
„Тоа никогаш повеќе нема да се повтори. Нема да бидеме монета за поткусурување на никој“, посочи премиерот.
Според него, мора да бидеме обединети и по етнички основи бидејќи споделуваме исти проблеми и само заедно мораме да успееме.
Претходно по повод Денот на независноста честитки упатија многу министри и јавни функционери. Меѓу нив и министерот за правда Игор Филков, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, итн.
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, преку соопштение исто така се обрати на јавноста по повод празникот. И тој во својата честитка зборуваше дека овој празник потсетува на „силата, единството и храброста што ја имавме кога го избравме патот на суверенитет и самостојност“.
„Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет“, рече Филипче додавајќи дека „во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок“.
Но, тој потенцираше оти и денес државата се наоѓа пред многу искушенија кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост, сплотеност и одлучност.
„Пред нас се моменти кога мораме да го зачуваме она што е стекнато со многу труд – демократијата“, рече Филипче.
Според него, во ова време на нови предизвици поврзани со понатамошниот пат по кој ќе се движи Македонија, време е нашата сила и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре.
„Пред нас е одговорноста да ја продолжиме изградбата на општество каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности, а нашата земја ќе биде пример за стабилност, толеранција и напредок“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.