fbpx

На бегалската криза не и се гледа крајот: Колку што си одат, уште толку доаѓаат

-

Нов голем бран бегалци и мигранти, претежно од Сирија, се очекува деновиве да пристигне на македонската јужна граница. Како што пишуваат грчките медиуми, утрово околу 5 часот, траектот „Елифтериос Венизелос“ со околу 2.500 мигранти испловил од Митилини на островот Лезбос. Траектот треба да пристигне на пристаништето во Пиреа, денеска попладне околу 5.40 часот, од каде потоа со автобуси и возови мигрантите ќе бидат упатени кон Солун, а оттаму до границата со Македонија.

Весникот „Катимерини“ во текст со наслов „Колку што си одат, исто толку и доаѓаат на островите“, пишува дека иако голем број на мигранти ги напуштаа островите Лезбос, Кос и Хиос, исто толку се на пат да се истоварат од брегот на Турција во Грција.

Весникот „Прото тема“ јавува дека во моментот само на островот Лезбос се наоѓаат над 9.500 мигранти, кои чекаат да бидат пренесени со траекти и крузери до Атина.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) – Турција, повикувајќи се на информации на Генералниoт директорат за миграција и менаџмент при турското министерство за внатрешни работи, проценува дека во Турција во моментот има околу 1,9 милиони мигранти и бегалци.

Од почетокот на оваа година, според ИОМ во Грција од Турција пристигнале околу 135.000 мигранти.
И во наредните денови се очекуваат вонредни линии на грчки бродови, крузери, траекти и возови со кои се олабавува притисокот на беглаците на грчкиот југ. Во петокот вечерта грчката влада донесе одлука за ангажирање на уште два големи брода за престој и превоз на мигранти.

Одлуката за прогласување на вонредна состојба што во средата, 19 август, ја донесе Владата поради големиот наплив на бегалци и мигранти, е сè уште на сила, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи, а за наредните денови се најавени состаноци на регионално и на ниво на Европската унија, на кои ќе се разговара и ќе се бараат решенија за бегалската криза.

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, вчера од Гевгелија, каде беше заедно со австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, најави дека наскоро во Макадонија ќе се одржи состанок на министрите за внатрешни работи на Австрија, Србија, Македнија и Унгарија.

„Наша проценка е дека ескалацијата ќе продолжи и оти е нелогично што проблемот ни доаѓа од земја-членка на ЕУ (Грција н.з.) со која немаме никакви контакти во тој дел, поради што очекуваме конкретна помош од Европската унија“, изјави вчера Чавков.

Извори од МВР за „Мета“ велат дека од вчера има извесно поместување во комуникацијата со Грција окоу бегалската криза. Нивни полицајци вчера се појавиле на границата и се координирале со македонската полиција околу пропуштањето на мигрантите, односно како што велат од МВР „покажаа покооперативен пристап“, околу бројот на мигранти кои можат да ја поминат границата имајќи ги предвид капацитетите на државата. Но, комуникација и координација на повисоко ниво засега нема.

Пред новиот бран бегалци да дојде до Гевгелија преговорите помеѓу македонските и грчките полициски претставници траеле неколку часа, пишува атинскиот весник „Катимерини“.

Во изминатите 24 часа, според МВР, потврди за искажана намера за барање азил им биле издадени на вкупно 776 странски државјани. Од стапувањето на сила на измените на Законот за азил и привремена заштита до денеска вакви документи МВР издало на вкупно 45.538 лица.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...