Поставената заштитна ограда на новиот автопат Штип – Миладиновци се покажа како недоволна заштита за возачот, кој завчера буквално прелета од едната коловозна лента на автопатот за Скопје и премина во спротивен правец. Очевидци на несреќата тврдат дека само среќа ги спасила од посериозна незгода возилата кои сообраќале во правецот од Миладиновци кон Штип.  

Автопатот од пуштањето во употреба од почетокот на јуни е со времен режим на сообраќај, а според информациите од ЈП за државни патишта, така ќе биде сè до изградбата на двете патарини. Возачите кои редовно го користат автопатот потврдуваат дека брзо се вози и често се заборава дека автопатот е пуштен со времен режим на сообраќај. На двете страни од трасата сè уште има работници и градежни машини. Тоа го потврдува и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, кој очекува работите на автопатот да завршат на крајот на септември.

– Автопатот Штип – Миладиновци е пуштен уште на 5 јуни, а оние активности што се одвиваат таму се надвор од проектот. Практично проектот заврши на 5 – ти јуни, така што тие дополнителни работи што се работат би требало да бидат завршени до крајот на следниот месец – изјави Сугарески.

Возачите сепак, не го делат оптимизмот на министерот. Превозниците, но и граѓаните кои секојдневно патуваат во Скопје на работа или за други потреби велат дека еден поголем дожд знае да симне половина рид на одредени делови, со што коловозот е полн со земја и песок.

На отворањето беше најавено дека ерозијата на околните ридови ќе се реши со засадување на 600.000 багреми на 30 хектари, за што ќе бидат потрошени 215.000 евра. Тоа се дополнителни средства и надвор од јавната набавка во јуни годинава, кога преку Бирото за јавни набавки на компанијата „Гранит“ и беше даден тендер вреден близу пет  милиони евра за доградба на краците Штип – Кочани и Кочани – Свети Николе, пристапни патишта, премини, клучка, поврзување со идниот експресен пат што се гради кон Кочани и за изместување на цевководите за наводнување, што ќе се работи во наредните две години.