На македонските автопати се случиле за три пати помалку сообраќајни несреќи во споредба со обичните патишта. Според податоците на Државниот завод за статистика, во последните 5 години на автопатите имало во просек по 320 незгоди годишно. Наспроти нив, на патните правци што не се изградени на ниво на автопат во периодот 2014 – 2018 година во просек имало по 967 сообраќајни несреќи годишно. Статистичките податоци велат дека бројот на загинати лица во незгоди постепено се намалува, но затоа пак во последнава деценија пораснал вкупниот број на несреќи на патиштата.

И покрај тоа што Северна Македонија има неколкукратно помалку километри автопат во споредба со обичните патишта, фреквенцијата на возила на автопатите е поголема, а со тоа и веројатноста за предизвикување сообраќајна несреќа. Просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) на македонските автопати во 2017 година изнесувал 8.866 возила, додека на останатите 74 магистрални и регионални патишта на кои се мери фреквенцијата на возила од ЈП „Македонија пат“ во просек сообраќале по 3.400 возила дневно.

Ваквите резултати не треба да зачудуваат, бидејќи и европската пракса покажува дека инвестирањето во нови патишта и нивното адекватно опремување доведува до намалување на бројот на незгоди. За разлика од обичните патишта, автопатите имаат многу поголема ширина, лента за застанување, а опремени се и со видео – надзор што доведува до можност за побрза интервенција на властите во случај на сообраќаен застој, несреќа или казнување на возачи што не ги почитуваат сообраќајните правила.

Од друга страна, бројките на Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминативе 5 години се намалил бројот на сообраќајни несреќи што се предизвикани како резултат на состојбата во која се наоѓа патот. Во периодот 2014 – 2018 година, само во 17 сообраќајни несреќи се утврдило дека патиштата претставуваат грешка што довела до незгодата.

Светската здравствена организација (СЗО) пресметала дека сообраќајните несреќи на патиштата чинат околу 3% од бруто домашниот производ на повеќето земји низ светот. Поради ова, инвестирањето во нови патишта, реконструкцијата и дополнителното опремување на постојната патна инфраструктура се смета за еден од главните фактори што влијае врз намалувањето на сообраќајните незгоди и трошоците што произлегуваат од нив.