На аеродромот во Кабул и до 50 полетувања и слетувања за евакуација

Авганистанци што чекаат да ја напуштат земјата трчаат околу воен авион на САД на аеродромот во Кабул. Фото: Скриншот од видео на Би-Би-Си, 16 август 2021

Додека евакуацијата на аеродромот на Кабул продолжува, ситуацијата на, и околу аеродромот станува сè подраматична. Така, покрај илјадниците Авганистанци што чекаат евакуација стравувајќи од насилство и убиства од Талибанците, вчера и денеска некои клучни земји од Западот повикаа нивните државјани да не одат на аеродромот поради сигнали за можни терористички напади.

Под координација на американската војска, повеќе од десетина земји учествуваат во спасувачките летови од авганистанскиот главен град. Меѓу нив е и германскиот Бундесвер со повеќе транспортни авиони Ербас А400 М кои се стационирани на аеродромот во узбекистанскиот град Ташкент, пишува Дојче Веле во темата посветена на процесот на евакуација.

Евакуацијата се одвива исклучиво преку меѓународниот аеродром во Кабул. Има само една писта. Секоја земја вклучена во акцијата добива точна временска рамка за слетување и полетување на нејзините авиони. Така, само во понеделникот успешно беа спроведени над 150 слетувања и полетувања. Бундесверот (германската војска) на пример има пет такви термини дневно.

Слетувањата и полетувањата од Кабул важат за доста ризични. Со специјални маневри за пристап пилотите се обидуваат колку што е можно подоцна да влезат и колку што е можно покусо да останат во дострелот на евентуални противвоздушни ракети. Авионот на аеродромот во Кабул останува помалку од еден час. За ова време мора да се растовари хуманитарната помош и да се качат лицата кои се евакуираат. На авионот може да се качат само оние кои се на аеродромот со дозвола за излез. Тоа не се само авганистански сили и германски државјани, туку може да бидат и граѓани од други земји, појаснува портпаролот на Бундесверот.

На оние кои ја вршат евакуацијата де факто им истекува времето. Во моментов аеродромот во Кабул го обезбедуваат околу 6.000 американски војници. Но, американскиот претседател Џо Бајден повторно изјави дека повлекувањето на американските војници од Авганистан мора да се заврши до 31 август. Последните денови Американците ќе бидат фокусирани на тоа да ги натоварат воената опрема и сопствените војници за напуштање на земјата.

Целиот текст може да се прочита тука.